Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, учествува на првиот Балкански форум на тема "Транс-балкански инфраструктури и мрежи на развој, во насока на унапредување на претприемништвото и иновациите", што денеска и утре се одржува во Солун, Република Грција.

Форумот се одржува во организација на Министерството за внатрешни работи на Грција (сектор Македонија и Тракија), во насока на развивање на заедничка стратегија за развој, како и промовирање на инвестициските иницијативи на Балканот. Главната цел на Форумот е промоција на транс-балканската соработка во областите на инфраструктурата, претприемништвото и иновациите, врз основа на Стратегијата Европа 2020 и Европската стратегија за Западен Балкан.

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу во своето обраќање истакна дека  како претставник на актуелната генерација на политичари од двете земји и учесник во промените, може да посведочи дека вратите за соработка меѓу Северна Македонија и Грција се отворени.

-Она за што дојдов денеска е да ја пренесам пораката за соработка. Соработка меѓу регионите, меѓу градовите, соработка меѓу бизнис секторот, универзитетите, болниците, државните институции, здруженијата. Соработката беше потврдена на бизнис форумот во Скопје со 500 учесници од двете земји и уште еднаш на овој голем форум денеска, на кој што присуствуваат претставници од целиот регион. Соработката во секоја област започнува со подготвеност да се споделат знаења и искуство, да се препознаат разликите како заедничка предност, со позитивен став и подготвеност за взаемно помагање и поддршка, рече министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.

Министерот Фазлиу се осврна и на територијалната соработка поддржана од Европската Унија и конкретно на прекуграничната соработка меѓу Грција и Северна Македонија која што, како што рече, дава одлични резултати во повеќе сектори, со вклучување на граѓани и субјекти од двете земји.

На настанот учествуваат претставници од министерства, комори, истражувачкиот сектор, универзитети, инвестициски групации од шест земји, Грција, Бугарија, Србија, Северна Македонија, Романија и Албанија.

Форумот го прогласи за отворен заменик министерката за внатрешни работи (сектор Македонија и Тракија), г-ѓа Елефтерија Хаџигеоргиу, со која што министерот Фазлиу, неделава во Скопје оствари билатерална средба.

На Форумот учествуваат и претставници на Светска банка, на Европската инвестициона банка, на Црноморската банка за трговија и развој, како и на Европската банка за обнова и развој.