Годинава ја одбележа и скринингот од Европската комисија и во областа на локалната самоуправа, а оценката упатува на потребата од подобрување на јавните услуги на локално ниво, што кореспондира и со мислењето на граѓаните, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов на годишната конференција за децентрализација и локално управување во организација на Министерството за локална самоуправа и УНДП.

-Оваа конференција е можност, заедно со локалните власти и со донаторската заедница, да ги сумираме резултатите и да се осврнеме на предизвиците за наредната година. Годината што изминува не беше ни малку лесна, оптоварена со последиците од економската и од енергетската криза. Се соочивме со голем предизвик во обезбедувањето на јавните услуги и нивното одржување на едно прифатливо ниво и за општините и за граѓаните, но можам да изразам задоволство од иницијативноста на сите нивоа за да се одговори на потребите на граѓаните., истакна министерот Пенов.

Министерот Пенов посочи дека Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој преку буџетските  Програми за рамномерен регионален развој и за намалување на диспаритетите оваа година финансираше 135 проекти во општините и во планските региони, во вредност од 850 милиони денари или над 14 милиони евра за подобрување на патната и комуналната инфраструктура, за опремување на комуналните јавни претпријатија, управување со отпад, регулација на речни корита и други приоритетни прашања за граѓаните.

-Годинава го заокружуваме и вториот ИПА Програмски период во кој што преку петте ИПА Програми за прекугранична соработка се финансирани 192 проекти во вредност од 60 милиони евра. Кофинансирањето од 9 милиони евра е обезбедено од буџетот на државата. И овие проекти се имплементираат во општините. Тоа се, пред се проекти за подобрување на енергетската ефикасност, реконструкција и изградба на детски градинки, на училишта и на други јавни објекти. Подобрена е опременоста на територијалните противпожарни единици, рече Пенов.

-Следниот предизвик за кој што имавме и координативен состанок со донаторската заедница е дигитализацијата на локалните услуги. Овој процес е започнат, но ќе биде интензивиран. Како приоритетна област беше посочено управувањето со јавните финансии, посебно наплатата на локалните даноци и такси. Процесот на дигитализација е комплексен вклучува многу институции и чекори, но важно е добро да се програмира и со поддршка од донаторската заедница да почнеме со конкретни мерки веднаш, наредната година. Фискалната децентрализација е еден од најважните сегменти, за што особено се заинтересирани локални власти, рече Пенов.

Според него зголемувањето на приходите на општините од ДДВ и од персоналниот данок на 6% е тренд кој што треба да продолжи.

-Партнерството со ЗЕЛС е важно за подобрување на системот на локалната самоуправа. Би сакал повеќе да разговараме за конкретни проекти кои што имаат поголемо влијание на развојот на општините и на планските региони. Ги поддржуваме општините за изработка на техничка документација за поголеми инфраструктурни проекти, за што се обезбедени 1.5 милиони долари.

Пенов рече дека последното истражување на задоволството на граѓаните покажува дека граѓаните генерално се задоволни од квалитетот на животот во нивната општина, особено од услугите за противпожарната заштита и згрижување на децата. 

-Но, сепак се забележува мал пад на задоволството во однос на минатата 2022 година, особено од начинот на кој се управува во нивната општина од 3, 2 на 3 и од начинот на кој градоначалникот и советот ги земаат предвид ставовите и мислењата на граѓаните од 3,0 на 2,8, што укажува на негативен тренд кој што не треба да се занемари.Граѓаните очекуваат подобри услуги за лицата со посебни потреби и за подобрување на животот на младите. Просечната оценка за работата на локалните власти е 3, една третина од испитаниците се задоволни, но една третина се целосно индиферентни. Како што потенцираше министерот, резултатите откриваат и зголемување на процентот на оние кои го делат мислењето дека во нивната општина денес има малку или значително повеќе корупција,  од 5% во 2017 год, 6% во 2018 и 2019 , на 24% во 2023 година. Перцепцијата на граѓаните е важен индикатор и најдобар патоказ во планирањето на следните активности за подобрување на функционалноста на локалната самоуправа, рече министерот Пенов.