Министерството за локална самоуправа одржа работилница за подигнување на капацитетите на институциите за користење на електронскиот СиРеРа систем кој е наменет за координација на планирањето, спроведувањето, следењето и оценувањето на политиката за поттикнување на рамномерен регионален развој. 

По поздравните обраќања на државниот секретар на Министерство за локална самоуправа Кирил Парталов и претставничката од Бирото за регионален развој Лидија Марков, беше одржана првата инфо сесија на која се зборуваше за измената на Законот за рамномерен регионален развој и обврските кои произлегуваат од истиот по однос на останатите министерства и институции.

Се наведоа новините во законот од 2021 година, се потенцираа клучните точки за водење на политиката за рамномерен регионален развој и се посочи зошто дошло до измена на тоа законско решение. 

Во рамки на работилницата, се образложи распределбата на средствата за поттикнување на рамномерниот регионален развој преку други програми, при што се даде акцент на проценката за значењето на пооделните програми за намалување на диспаритетите во развојот меѓу и во планските региони и се нагласија основните и поблиските критериуми за проценка. 


Се одржа и презентација преку приказ на cost benefit analysis за можностите за соработка со Центрите за развој на планските региони и се даде осврт на улогата на центрите за развој на планските региони во системот за рамномерен регионален развој.

Учесниците во работилницата од државните институции имаа можност да дознаат повеќе за дигиталната трансформација на системот за следење на политиката за рамномерен регионален развој. Тие добија информации за СиРеРа системот и за сите негови функции и можности. 

На крајот од обуката се отвори и дискусија и за предвидените измени во системот, со цел успешно следење на Стратегијата за регионален развој и се донесе заклучок за насоките за идна соработка. 

Работилницата е дел од проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ фаза 2 финансиран од Министерство за локална самоуправа и Швајцарска Влада.