Подобрување на системот на локалната самоуправа и воедначување на пристапот до услугите на локално ниво преку порамномерен развој на општините и на планските региони беше темата на состанокот на  Секторската работна група за локален и регионален развој што се одржа денеска во организација на Министерството за локална самоуправа, Секретаријатот за европски прашања и Делегацијата на Европската Унија.

На состанокот со кој претседаваше министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, во присуство на претставници на сите надлежни институции и на донаторската заедница беа презентирани статусот на тековните активности, приоритетите и предизвиците во спроведувањето на политиките за локален и регионален развој. На состанокот беа презентирани и резултатите од спроведувањето на програмата ЕУ за општините, преку која се финансирани осум големи проекти во седум општини и во градот Скопје и кои се значајни од аспект на финансиските алокации, но и придобивките од аспект на создавање на партнерства со граѓанскиот сектор, подобрување на локалните услуги и зајакнување на капацитетите на локално ниво.

Во дискусијата беше констатирано дека во стратешките документи целосно се вградени стратешките приоритети и цели на ЕУ и развојните цели на ОН. Притоа беше истакната големата и континуирана поддршка од Европската Унија и од донаторската заедница, која што дава постојана поддршка во креирањето и во имплементацијата на политиките кои што се во надлежност на Министерството за локална самоуправа, а  во чие спроведување влијание имаат и многу други секторски политики.

Беше истакната потребата од продолжување на координацијата меѓу сите засегнати страни во дефинирањето и спроведувањето на приоритетите во функција на подобрување на функционалноста на локалната самоуправа. Во таа смисла и поголема координација и усогласување на стратешките развојни документи на национално, регионално и на локално ниво, зајакнување на капацитетите за подготовка на конкурентни проекти кои што ќе се финансираат од ИПА инструментот и други извори, зајакнување на капацитетите на општините за поефикасно и поодговорно управување со јавните финансии, за поголема инклузивност, транспарентност и за вклученост на граѓаните, продолжување на процесот на дигитализација и подобрување на услугите на локално ниво, како и поправеден пристап до услугите за сите граѓани преку подобрување на комуналната, патната и социјалната инфраструктура.