Заменик министерот за локална самоуправа на Република Северна Македонија Зоран Димитровски и помошник министерот за евроинтеграции на Република Србија, Михаило Дашиќ, денес го презентираа вториот повик за предлози за Програмата за прекугранична соработка Србија – Северна Македонија, финансирана со средства на Европската Унија и национално кофинансирање преку Министерството за локална самоуправа од 15 отсто.


- Главната цел на програмата е да ги зајакне добрососедските односи, да воспостави партнерства и да придонесе за развој на енергична програмска област преку поврзување на нејзините луѓе и ресурси на одржлив начин. Вториот јавен повик е можност да аплицираат сите непрофитни субјекти од пограничниот регион и очекуваме преку воспоставени партнерства да аплицираaт со квалитетни и со оддржливи проекти кои што ќе го подобрат животот на граѓаните и ќе отворат нови можности за развој на регионот, истакна Димитровски во своето обраќање.


Програмата за прекугранична соработка Северна Македонија-Србија е една од осумте програми за прекугранична и транснационална соработка што се спроведуваат во нашата земја со соседните земји и ја координира Министерството за локална самоуправа. Вториот повик за прекугранична соработка со Република Србија, беше отворен на 10 март годинава, а рокот за поднесување проекти е 8 јуни 2022 година. Средствата наменети за овој повик изнесуваат речиси 1,9 милиони евра, а основните приоритети на повикот се: промоција на вработување, мобилност на трудот и прекугранична социјална и културна инклузија како и промоција на туризмот и културното и природното наследство.

 

Сите дополнителни информации се достапни на веб-страницата на Програмата: www.eu.rs-mk.org како и на Министерството за локална самоуправа www.mls.gov.mk.
Настанот беше во живо пренесуван преку livestream на официјалниот YouTube профил на Министерството за евроинтеграции на Република Србија.