Пораката што многупати ја има упатено мојата држава е јасна, недвосмислена и отпорна на многуте различни предизвици со кои што се соочуваме секој ден: Регионот ќе биде стабилен и ќе може да се развива преку соработка и преку јасен одговор на Европската Унија за признавање и за обезбедување на континуитет на евроинтеграциските процеси. Секој застој е ризик и за развојот и за севкупната безбедност, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски на регионалната конференција “Предизвиците и перспективите на регионалниот развој во Западен Балкан” која што денеска и утре се одржува во Приштина. 

- Ние, и од оваа конференција испраќаме порака дека Балканот има ново лице, ние сме фактор на стабилност и сме цврсто решени да опстоиме во напорите за економски и демократски развој на нашите држави и на регионот, со соработка и со поддршка од Европската Унија чии што принципи се вградени во нашите политики, рече Милевски.

Милевски истакна дека Република Северна Македонија посебно внимание посветува на регионалниот развој, притоа водејќи сметка за развојот на државата врз основа на принципите на ЕУ и на развојните цели на ОН, но и за балансиран развој внатре во државата, меѓу планските региони и меѓу општините.

- Свесни сме дека само со намалување на внатрешните развојни разлики ќе можеме да создадеме услови за имплементација на европските стандарди во сите области, што го определуваат квалитетот на живеење на граѓаните, рече Милевски. 

Во организација на Министерството за регионален развој на Република Косово, на Конференцијата учествуваат претставници од Албанија, Северна Македонија, Турција, Црна Гора, Полска, Германија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и на Бугарија.