Со поддршка на Министерството за локална самоуправа преку буџетската програма за рамномерен регионален развој, како и со поддршка на швајцарската Влада се реализирани голем број на проекти во Свети Николе, Скопје и Тетово, кои директно ги подобруваат условите на живеење на граѓаните преку користење на обновливи извори на енергија, поголеми заштеди, заштита на животната средина, како и преку подигнување на јавната свест.

- Во Домот на културата во Свети Николе поставивме систем за греење и ладење, за прв пат после 30 години. Со реализацијата на овој проект значително е намалена потрошувачката на електрична енергија, а заштедените финансиски средства ќе бидат употребени за дополнително уредување на просторот кој што сега граѓаните ќе можат да го користат 360 дена во годината, појасни министерот за локална самоуправа, Горан Милевски

Тој посочи и дека во три скопски општини: Центар, Карпош и во Кисела Вода се воспоставени три иновативни еко-зони каде што се користат обновливи извори на енергија. Се користи сончевата енергија за напојување на смарт клупите кои имаат сензори за мерење на квалитетот на воздухот и кои што обезбедуваат бесплатен интернет.

-Во Средното стручно општинско училиште “Моша Пијаде” во  Тетово  e подигнат стакленик со опрема за автоматска регулација на температурата, технологии за прихрана на културата и автоматика за наводнување на база на системот капка по капка.  Во склоп на опремата има и метео станица која го потпомага компјутерот за автоматска регулација на условите во стакленикот. Обезбедени се и обуки за стекнување на вештини за одгледување на земјоделски  култури во контролирани услови, како и обука за стекнување на вештини за претприемништво, додава Милевски.

Министерството овозможува на партиципативен начин од страна на граѓаните да се реализираат приоритетни проекти кои влијаат во ублажување на климатските промени.