Печати

 

Димитровски за жените во политиката: Правата немаат род, а различностите го прават општеството поправедно и похумано

 

Центарот за истражување и креирање политики- ЦРПМ, заедно со проектните партнери организираше дебата за родовата рамноправност при донесувањето одлуки, како  дел од кампањата „Месец на родова рамноправност во донесувањето одлуки“, а во рамки на проект финансиран од ЕУ.

Цел на дебатата е да придонесе кон интернализација на предизвиците за постигнување на целосна родовата еднаквост на лидерските позиции на национално и локално ниво, вклучително и преку предизвикување на родово стереотипните позиции во специфични области во јавните институции и истовремено да ја зголеми вклученоста на жените во политичкото донесување одлуки.

-На локалните избори 2017 година од 15 кандидатки се избрани шест градоначалнички, во 2013 година, од 29 кандидатки биле избрани четири градоначалнички, а на локалните избори 2009 година од 13 кандидатки не била избрана ниту една градоначалничка. Оваа кратка анализа покажува дека политичката понуда на кандидатки за градоначалнички од 2013 до 2017 година значително опаднала, но се зголемил бројот на избрани градоначалнички. Тоа покажува дека граѓаните се родово посензибилни од политичките партии и дека расте довербата во жените, за што единствено се заслужни жените со својата упорност и истрајност да покажат дека можат и подобро, рече заменикот министер за локална самоуправа Зоран Димитровски.

Според Димитровски, досега, согласно Изборниот законик, на партиските и граѓанските листи за советници правилото беше да се кандидираат и да бидат избрани 30 отсто жени. Пред локалните избори оваа година, ни претстои период на подобрување на Изборниот законик и ова е шанса политичките партии да најдат начин како во исто време преку отворени листи да се обезбеди поголема демократизација на општеството, но и со квота од 50% значително да се промени структурата на жените во советите на општините а и меѓу носителите на градоначалничката функција.

- Важно е исто така да се обрне внимание на квалитетот на кандидатите, образованието, стручноста, но најважно од се интегритетот на личноста, без оглед дали станува збор за жени или за мажи, зашто во минатото имавме пракса да се ставаат повеќе жени на функции, но како и со мажите, главниот критериум беше тие да бидат послушници на раководствата на политичките партии.

Доаѓам од професијата новинар која е доминантно женска професија, вели Димитровски. Успешното новинарство значи посветеност кон вистината. Жените се по правило потрудољубиви, поодговорни, повеќе посветени кон вистината и можеби и затоа се изборија за доминантна застапеност во оваа професија. Сепак, на местата каде што е моќта во медиумите, нив ги има помалку од мажите. За разлика од тоа, политиката кај нас има имиџ на валкана професија, на професија во која доминираат моќта, парите, донесувањето одлуки и таму главни се мажите и нерадо ја препуштаат својата доминантна позиција. Се разбира, можеме со законски измени за квоти да создадеме услови за рамноправна родова застапеност, но мора притоа да го менуваме општеството од долу, од основното образование и од улогата на семејствата во воспитувањето на децата во духот на рамноправноста на жената. Министерството за локална самоуправа согласно надлежностите нема директно влијание на изборниот законик, но имајќи ја предвид важноста од поголема родова рамноправност, особено на нивоата каде што се донесуваат одлуки, Министерството секогаш ги подржува проектите за поголема вклученост на жените или пак за родово одговорно буџетирање во општините, рече тој.

Проектот во рамките на кој се реализира оваа дебата има генерален наслов -Низ женски леки, се спроведува во 17 општини а е финансиран од ЕУ и ја анализира вклученоста на жената на лидерските позиции на локално ниво, од градоначалничка-советничка-директорка-до раководителка на сектор.

Покрај заменик министерот за локална самоуправа, на дебатата зборуваа и Дејвид Гир, шеф на делегацијата на ЕУ, министерката за образование и наука Мила Царовска, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, министерката за одбрана Радмила Шеќеринска и Ирена Стефоска, министерка за култура.