Печати

07.12.2015 1Денеска е објавен првиот јавен повик за проекти за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Грција, во рамките на Првиот повик за проектни предлози од ИНТЕРРЕГ ИПА-Прекуграничната Програма меѓу Грција и Р. Македонија 2014-2020.

На прес конференцијата, министерот за локална самоуправа Лирим Шабани истакна дека на располагање на потенцијалните апликанти, во рамките на овој јавен повик се 20,461,530.00 евра, од кои 85 насто се финансирање од Европската Унија, а 15 насто е национално кофинансирање, што го обезбедува Министерството за локална самоуправа од буџетски средства.

ИНТЕРРЕГ ИПА-Прекуграничната Програма меѓу Грција и Република Македонија 2014-2020 е кофинансирана од Инструментот за претпристапна помош ИПА-2 на Европската Унија.

Крајниот рок за аплицирање е 31.03.2016 година, во следните области:

-Промовирање на вработеноста, мобилност на работната сила, социјално и културно вклучување во прекуграничнаата област.

-Заштита на животната средина и промоција на прилагодувањето, намалувањето, спречувањето и управувањето со ризиците од климатските промени.

-Промовирање на одржлив транспорт и подобрување на патната инфраструктура.

-Потикнување на туризмот, како и културното и природно наследство. 

-- Министерството за локална самоуправа со помош на ЕУ фондовите управува со спроведувањето на Програмите за прекугранична соработка со сите соседни држави која во новиот период е околу 100 милиони евра. Прекуграничната соработката со Грција претставува еден од основните стратешки приоритети на регионалниот развој. Досега се имплементирани 38 проекти и во тек се на имплементација 14 други проекти. Во изминатиот период беа алоцирани и контрактирани над 10 милиони евра за македонските партнери.Имплементирањето на Програмата во првата фаза може да се оцени како успешно затоа што, над 85% од алоцираните средства се реализирани. Имајќи ги предвид стекнатото искуство и знаење, во наредниот период очекувам уште поголема искористеност на средствата, до 95 насто, рече министерот за локална самоуправа, Лирим Шабани.

На повикот, во партнерство, со заеднички проекти можат да аплицираат региони, општини,  невладини организации, организации за деловна поддршка, образовни институции, здравствени организации, научни и културни, како и други подобни непрофитни организации, во  прекуграничната област на Грција и Република Македонија.

Органите на Програмата ќе организираат Информативни денови за потенцијалните апликанти во втората половина на Јануари 2016 во двете земји учеснички на Програмата.