Печати

Унапредување на човековите права и заштитата на малцинствата во Југоисточна Европа 

Општата цел на заедничкиот проект на Европската унија и Советот на Европа „Унапредување на човековите права и заштита на малцинствата во Југоисточна Европа“ е да се подобри пристапот кон правата на малцинствата на различни нивоа на државната управа во Југоисточна Европа, а во склад со стандардите на Советот на Европа на ова поле, а особено во склад со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства (РКНМ) и Европската повелба за регионални или малцински јазици (ЕПРМЈ). 

Следниве три конкретни проектни задачи на комплементарен начин ќе придонесат кон постигнување на крајната цел на проектот:  

1) Да се поддржат крајните корисници во унапредување на политиките и капацитетите за уживање на малцинските права во одредени општини во регионот;   

2) Да се поддржат локалните власти да ги зајакнат политиките и капацитетите за спроведување на препораките во однос на малцинските права во праксата во одделни општини во регионот;

3)  Давање поддршка за законодавни и измени на политиката на централно владино ниво, врз основа на доказите собрани на локално ниво и врз основа на препораките содржани во мониторинг извештаите на Советот на Европа. 

Целта на првата проектна задача е да се даде поддршка на избраните општини за дефинирање на конкретни активности за отстранување на пречките за уживање на малцинските права на локално ниво со помош на тематски грантови, придружени со редовна локална и меѓународна експертиза на Советот на Европа на самиот терен. Ќе бидат избрани триесет и шест општини во отворена постапка, и врз основа на претходно дефинирани критериуми во областа на образованието, медиумите, официјалното користење на јазиците и писмата, културата, недискриминацијата и ефективното учество на лицата кои му припаѓаат на националното малцинство во културниот, социјалниот и економскиот живот и во јавните работи.  

Во име на Управниот одбор на Проектот, Секретаријатот на Проектот го објавува следниот: 

Повик за изразување интерес

Овој повик е наменет за сите мултиетнички општини во Југоисточна Европа (Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Србија, поранешна југословенска Република Македонија и Косово1).

Проектните грантови на Советот на Европа се ограничени на ЕУР 18.000,00 по општина.  Избраните општини ќе придонесат со средства во износ од 10% од вкупниот буџет на проектот, кој следствено не треба да биде поголем од ЕУР 20.000,00. Општината може да учествува со парични средства или со различни друг вид придонеси (човечки ресурси, административни или патни трошоци).

Крајниот рок за поднесување на пријавите е 15 септември 2014 г. (24:00 по средноевропско време).

Пријавите ќе ги оценуваат локални комисии за оценка врз основа на јавно достапни критериуми.  Доколку е потребно, избраните подносители на пријави ќе добијат помош во подготовката на проектот.

Грантовите ќе бидат доделени на почетокот од декември 2014 г.

Повеќе информации за постапката за доделување на грантови, критериумите и формуларот за пријавување се достапни во Критериумите за избор на општините и во Прирачникот за пријавување заедно со Формуларот за пријавување, кои може да се разгледаат и да се преземат од следнава интернет страница http://pjp-eu.coe.int/web/minority-rights.

 

[1]Ова ословување не влијае врз ставовите за статусот и е во согласност со Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 1244 и Мислењето на МСП за прогласувањето на независност од страна на Косово.