Милевски: Ги охрабрувам општините и граѓаните со своите идеи да придонесат во ублажување на климатските промени

 

Климатските промени треба да се приоритет на сите институции како и за целата заедница порача министерот за локална самоуправа Горан Милевски денеска на конференцијата „Да зборуваме за климатските промени“ на тема „Можности за попаметно греење“, во организација на Еко-СвестЦНВП Македонија и ДЕМ.

- Апелирам институциите, државни и приватни, како и секој граѓанин да директно се вклучат во можностите алтернативни решенија. Потребно е подобрување на состојбите со загадување на воздухот поради загревање домовите на некои локации во земјава, како и идентификување на можните поддржувачи на промената кон почисти и климатски поповолни опции преку интерактивна онлајн работа. Затоа ги охрабрувам сите Општини и граѓани кои имаат идеи и проекти кои се во фокус на загревање на домовите во принципот старо за ново паметно да ги искористат, општините во своите идни програми и заложби да им биде приоритет а граѓаните што повеќе да аплицираат за можностите кои се нудат, порача Милевски.

Тој потсети дека преку Министерството за локална самоуправа изминатата недела во Собранието се донесе десетгодишната Стратегијата за регионален развој 2021-2031 година во која особено внимание е посветено на обезбедување кохерентност на целите, приоритетите и мерките со начелата и приоритетите на „Европскиот Зелен Договор“ и на Зелената Агенда за Западен Балкан, чија стратешка цел е да ја направи економијата на ЕУ и на Западен Балкан одржлива преку трансформација на климатските и еколошки предизвици во можности, и праведна транзиција со вклученост на сите.

- Еден пример е Домот на културата во Свети Николе поставивме систем за греење и ладење, за прв пат после 30 години. Со реализацијата на овој проект значително е намалена потрошувачката на електрична енергија, а заштедените финансиски средства ќе бидат употребени за дополнително уредување на просторот кој што сега граѓаните ќе можат да го користат 360 дена во годината, појасни тој.

Тој појасни дека со поддршка на Министерството за локална самоуправа преку буџетската програма за рамномерен регионален развој, како и со поддршка на швајцарската Влада се реализирани голем број на проекти во 8-те плански региони, кои директно ги подобруваат условите на живеење на граѓаните преку користење на обновливи извори на енергија, поголеми заштеди, заштита на животната средина, како и преку подигнување на јавната свест.

Исто така во три скопски општини: Центар, Карпош и во Кисела Вода се воспоставени три иновативни еко-зони каде што се користат обновливи извори на енергија. Се користи сончевата енергија за напојување на смарт клупите кои имаат сензори за мерење на квалитетот на воздухот и кои што обезбедуваат бесплатен интернет. 

Тој истакна дека преку ИПА програмите со финансиска поддршка од Европската Унија за прекугранична соработка со нашите соседни земји инвестирале во еколошки проекти, еден таков пример е со Грција изградена е мерна станица за мерење на квалитетот на воздухот во Гевгелија и комплетно е реновирана мерната станица во Битола. Сончеви колектори се инсталирани во Св. Еразмо во Охрид е и изградена енергетска фасада со поддршка на швајцарската Влада, така што сите програми Министерството ги користи максимално за подобрување на животната средина во земјава.

Министерството овозможува на партиципативен начин од страна на граѓаните преку Центрите за развој на осумте плански региони да се реализираат приоритетни проекти кои влијаат во ублажување на климатските промени.