Битола добива простории за сместување студенти со посебни потреби и комплетно опремена инклузивна училница

Целосно реновирани и приспособени се шест соби во државниот студентски дом “Кочо Рацин” во Битола за сместување на студенти со посебни потреби и комплетно е опремена инклузивна училница, во рамки на проектот „Изградба на инфраструктура за социјална инклузија во Пелагонискиот регион“ од страна на Министерство за локална самоуправа во соработка со Швајцарската влада. Целта на проектот е да обезбеди функционална инфраструктура (сместувачки капацитети, едукативна просторија, опрема и нагледни средства) и психосоцијална поддршка за лица од ранливите популации во Пелагонискиот регион.   

- Ова значи дека обезбедивме услови за едукација, информирање и инклузија на различни ранливи категории во регионот како што се: деца со посебни потреби и нивните родители, млади лица со посебни потреби, а исто така ќе придонесе и кон воспоставување на нови партнерства и синергии помеѓу сите чинители на социјалната инклузија во регионот и пошироко. По завршувањето на проектната имплементација, постигнувањето на целта на проектот ќе обезбеди поволна средина за давање на психосоцијална поддршка на лица од ранливи категории преку креирање на соодветни инфраструктурни услови за таа цел. Вкупната вредност на проектот е над седум милиони денари, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

Покрај комплетно  реновираните и опремени 6 соби во ДСД Кочо Рацин Битола, обезбеден е сместувачки капацитет за 15 студенти и лица со телесен инвалидитет,  реновирана и опремена е инклузивна училница во Студентски Дом Битола, изработена  е инклузивна театарска претстава за 1000 гледачи и одржани 5 психо-едукативни работилници.

- Особена сум благодарна на процесот на партиципативност од страна на граѓаните на целиот регион за да се избере овој проект и успешно да се реализира. Горда сум на овој студентски дом кој треба да претставува пример за останатите студентски домови во државава, истакна Амбасадорката на Швајцарија, Сибиил Сутер.

Министерката за образование и наука Мила Царовска истакна дека главна водилка е сите студенти да имаат пристап до сите можности а од неодамна македонската влада усвои програма за инвестирање во сите студентски домови да станат енергетски ефикасни, модерни и современи и да имаат пристап лицата кои имаат атипични потреби.

На настанот директорката на студентскиот дом Соња Карапец им се заблагодари на присутните и на инвеститорите а студентот Мики Ристески изјави дека е среќен за реновирањето на домот но да послужи како репер во високото образование така што и во останатите студентски домови во земјава за да се овозможи инклузија на останатите лица.

 Директорот на Центарот за развој на Пелагониски плански регион Гого Видимче додаде дека и во иднина ќе се инвестира во разни проекти во  Битола со цел подобрување на животот на граѓаните.