30.11.2022

 

„Заживување на занаетите и градење култура на заеднички туристички развој“ е прекуграничен проект на Северна Македонија и Косово, финансиран од ИПА Програмата на ЕУ, со цел да се забрза развојот на туризмот во Полошкиот регион.

 

- Преку подобрување на квалитетот и на понудата на занаетчиството и микро бизнисите од секторот туризам и угостителство, ќе се зголеми привлечноста на регионот и бројот на посетители. Ќе создадеме нови туристички содржини и нови можности за подобра презентација на локалните и традиционални занаетчиски производи, преку инфраструктурни интервенции во општините Тетово и Призрен, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов на чинот на потпишување на договорот со градоначалникот на Тетово Билал Касами.

 

Во рамките на проектот улицата „Радован Цониќ" во Тетово, со должина од нешто повеќе од 444 метри и просечна широчина од 6 метри ќе биде реновирана и редизајнирана да одговара на потребите на локалните занаетчии, со цел да се подобри нивната промоција и пристапот до нивните производи.

 

- Во моментов улицата „Радован Цониќ“ е во лоша состојба и е прилагодена само за сообраќај, речиси да нема тротоари и никакво урбанистичко уредување. Со овој проект, предвидени е инвестиција вредна над 300 илјади евра, со кои ќе се замени постоечката подлога, со подлога која ќе потсетува на калдрма, ќе се направи еднонасочен режим на сообраќај и ќе се стави нова електрична и водоводна инсталација под улицата, ново осветлување, клупи и друга нова урбана опрема, утврди министерот Пенов.

 

Исто така се планира саем на занаетчии во Тетово на кој ќе изложуваат занаетчии од Тетовскиот регион, но и од Косово (околината на Призрен) како и прекуграничен настан за остварување на деловни контакти помеѓу занаетчии, занаетчиски асоцијации и комори, туристички и угостителски бизниси, тур-оператори и слични бизниси ќе биде 

организиран во рамките на проектот.

 

Покрај тоа предвидена е и тренинг програма за занаетчии и туристички и угостителски бизниси дополнета со индивидуални менторски средби за учесниците, а ќе се организира и заедничка работилница за тур-оператори и занаетчии со цел да се креира нова  туристичка понуда базирана на локалните и традиционални занаети, како на пример работилници за 

изработка на традиционални печива и слатки, за изработка на накит и традиционална облека, за везење и други традиционални вештини. Новата понуда ќе биде вклучена и во понудите на 

туристичките агенции од прекуграничниот регион. 

 

„Заживување на занаетите и градење култура за заеднички туристички развој“ е прекуграничен проект финансиран од Европската Унија кој го спроведува конзорциум составен од Општина Призрен - Република Косово, Општина Тетово - Република Северна Македонија, CEED Македонија и CEED Косово. 

 

Проектот применува заеднички пристап за двата региони поради нивната географска и културна близина, а со единствена цел да се зајакне имиџот и атрактивноста на двата региона на регионалните и на глобалните пазари.