Владата преку Јавното претпријатие за државни патишта издвои средства да се реконструира патот за еден помасовен туризам на Пониква, а Министерството за локална самоуправа заедно со Швајцарската агенција за развој и соработка, обезбедија 5 милиони денари да се реконструираат и да се стават во функција скии лифтовите во рамки на Источниот плански регион.

Со проектот е опфатена реконструкција на постојните ски-лифтовите со должина од вкупно 692 метри, замена на сајли, котви, лагери, редуктори, комплетна електроника, репарација на стопи и бојадисување на столбови и друго. Со реконструкцијата на ски лифтовите на Пониква ќе се зголеми побарувачката за спортски туризам, ќе се привлечат спортски клубови и спортисти, како и аматери, деца и љубители на зимскиот туризам и ќе се зголеми безбедноста на посетителите.

- Мене ми е задоволство овие скии лифтови ќе бидат ставени во функција иако биле пред се заборавени од времето, нефункционални, така што Источниот плански регион заедно со општина Кочани, имаат идеја за туризмот и за развој на регионот. Со комплетната реконструкција на старите и нефункционални ски-лифтови се очекува да се подобрат условите за скијање, да се намалат досегашниот метеж, односно да се зголеми капацитетот на гости. Со реализација на овој проект ќе се подобрат условите за работа на ски клубовите и школите за млади скијачи, како и подобри услови за скијање на сите потенцијални скијачи и туристи на Пониква. Реконструираните ски лифтови ќе бидат достапни за употреба на сите категории граѓани, деца, ученици, студенти, вработени, невработени, пензионери, а за ранливите категории граѓани кои имаат желба за скијање ќе бидат обезбедени посебни поволности односно организиран превоз и бесплатно скијање, рече Горан Милевски, министер за локална самоуправа.

- Ги реконструираме и скии лифтовите кои се изградени пред нешто повеќе од 40 години, проект кој сметам дека е навистина регионален и кој ќе допринесе да го одржиме скијањето, да ја подобриме безбедноста на скијачите кои што скијаат овде на Пониква, и секако да сите допринесеме за развој на зимскиот туризам овде, на Пониква, вели Николчо Илијев градоначалникот на општина Кочани.

За Мирјана Македонска, национална програмска координаторка на Амбасада на Швајцарија во Скопје партиципативноста и транспарентноста се клучните вредности на Швајцарија, а преку овие проекти тие се еден од најголемите билатерални донатори во Северна Македонија.

- Преку регионалните форуми кои што ги организираше источниот плански регион, граѓаните од регионот можеа да се изјаснат за што да се наменат средствата во регионот за да се придонесе кон подобар развој на источниот плански регион и токму граѓаните одлучија дека тоа треба да биде скии лифтот на Пониква, појаснува таа.

Според Петре Крстов, вработен во информативниот центар на Пониква за време на викендите доаѓаат многу луѓе кои се воодушевени од природата и не им се верува дека вакво место воопшто постоело во нашата земја.

- Кој прв пат доаѓа, планира наредниот пат поорганизирано и помасовно да дојде на планината Осогово. Оваа патека што ја гледате за тие прв пат што доаѓаат и имаат желба да скијаат без разлика помлади, постари, кога ќе се качат првиот пат со некој страв, стрмна е, меѓутоа кога ќе се качиш горе и ќе се пуштиш еднаш, наредниот пат нема страв повеќе, појаснува тој.