Печати

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски денеска ја отвори Конференцијата за предизвиците во рамномерниот регионален развој, која што во организација на Министерството за локална самоуправа, а со поддршка на швајцарската Влада, се одржа во Велес.

На Конференцијата присуствуваа и амбасадорката на Швајцарија во Република Северна Македонија, Сибил Сутер Тејада, претседателот на Советот на Вардарскиот плански регион, градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, градоначалниците од Вардарскиот плански регион, како и домашни и странски експерти.

Министерот Милевски искажа задоволство од можноста да оствари директни средби со градоначалниците и со амбасадорката Тејада, веднаш по стапувањето на функцијата министер за локална самоуправа.

- Како министер за локална самоуправа пред се ќе инсистирам на директна комуникација со градоначалниците, со ЗЕЛС и со донаторите, затоа што верувам дека прашањата се решаваат само со голема иницијативност и посветеност, но и со поголема ангажираност на сите вклучени страни, рече Милевски.

Министерот за локална самоуправа најави динамична агенда за реализација на владиниот приоритет за трансфер на нови надлежности и соодветни финансиски ресурси на општините.

- Паралелно, ќе се работи и на создавање на постимулирачки амбиент за развој на општините и на планските региони, преку подобрување на нормативната рамка, зголемување на финансиската поддршка за развој на помалку развиените плански региони, но и поголемо следење на ефектите во однос на вложените пари.

Министерот за локална самоуправа Милевски истакна дека еден од приоритетите на Министерството е и подготовката на новата Стратегија за регионален развој за наредните 10 години.

-Знам дека се доцни, мора да се интензивираат активностите и документот да се подготви до почетокот на ноември. Ќе претходи оценка на спроведувањето на актуелната Стратегија, за што ќе инсистирам на квалитетен аналитички документ кој што аргументирано ќе ги посочи причините за отсуството на резултати во спроведувањето на политиката за рамномерен регионален развој во изминатиот десетгодишен стратешки период.

Конференцијата за предизвиците на рамномерниот регионален развој и споделување на искуства и добри пракси е организирана во рамките на Проектот поддржан од швајцарската Влада: Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој и е една од осумте кои што се одржуваат во осумте плански региони.