Министерот за локална самоуправа Горан Милевски, денеска, заедно со градоначалникот на Велес и претседател на Советот на Вардарскиот плански регион, Аце Коцевски и раководителот на Центарот за развој, Марко Колев, ја посети индустриската зона Мамутчево во Велес, каде што со средства од Министерството за локална самоуправа и кофинансирање од општина Велес се реализира проектот “Подобрување на животниот стандард на граѓаните во Вардарскиот плански регион преку изградба на систем за водоснабдување во индустриската зона Мамутчево во општина Велес“

Станува збор за изградба за резервоар за вода за потребите на индустриската зона Мамутчево. Вкупната вредност на проектот е 8,7 милиони денари, од кои скоро седум милиони од Програмата за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа. Другите средства во износ од 1,7 милиони денари ги обезбедува општина Велес. Во втората фаза ќе се гради цевковод за поврзување на резервоарот со индустриската зона, во вкупна вредност од 13 500 000 денари, од кои 7 500 000 денари се средства од Министерството за локална самоуправа, а 6 000 000 денари од општина Велес.

-Локалниот и регионалниот развој е приоритет на Министерството за локална самоуправа. До крајот на годината ни претстои динамична агенда за откочување на процесите, подготовка на нова Стратегија за регионален развој, продлабочување на процесот на децентрализација со трансфер на нови надлежности и финансиски ресурси и создавање подобар амбиент за локален и регионален развој, рече министерот Милевски.

-Со финансиска поддршка на Министерството за локална самоуправа општина Велес работи на подобрување на бизнис абиентот во целиот плански регион. Целта е со обезбедување на сите неопходни услови, индустриската зона Мамутчево да стане поконкурентн, а инвеститорите да ја препознаат како добра можност за реализација на нивните бизнис планови, рече градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски денеска престојуваше во Вардарскиот плански регион, а во Велес ја отвори Конференцијата за предизвиците на рамномерниот регионален развој што се одржа во организација на Министерството за локална самоуправа а со поддршка на швајцарската Влада.

04.07.2019 3