Печати

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу денеска говореше на регионалната конференција Градовите двигатели на развојот-Визија 2030, што денеска се одржа во Скопје, во организација на Асоцијацијата на локални власти на земјите од Југоисточна Европа, НАЛАС.

Министерот Фазлиу ја истакна актуелноста на темата со оглед дека во глобални рамки половина од населението живее во градовите со тенденција концентрацијата да расте. Во таа смисла тој нагласи дека Владата на Република Северна Македонија со поддржувањето на процесот на децентрализација ја признава улогата на локалните власти и ги поддржува сите напори за поголемо присуство и учество во процесите за побрз развој на општините, на земјата и на регионот.

- Градовите се развојните јадра во регионите кои што неминовно треба да се вмрежуваат и соработуваат во обезбедувањето на услови и стандарди за привлекување на инвестиции, преку инфраструктурно поврзување во сите сектори кои што имаат директно влијание на развојот. Нашиот регион се бори да си обезбеди конкурентска позиција во регионалната политика на Европската Унија. Да биде препознаен како потенцијал во кој што е исплатливо да се вложува и кој што на подолг рок ќе може да обезбеди оддржлив развој согласно стандардите на Европската Унија и оддржливите развојни цели на Обединетите нации. Владата на Република Северна Македонија со својата активна политика за решавање на споровите и воспоставување на односи на пријателство и соработка на земјите во регионот, силно ги поддржува регионалните иницијативи за заедничко делување во процесите на интегрирање во Европската Унија преку вклучување на сите нивоа на власт, на граѓанскиот и на бизнис секторот, рече во своето обраќање министерот Фазлиу.

Министерот Фазлиу на ЗЕЛС и на претседателот на ЗЕЛС, градоначалникот на Скопје, Шилегов, им честита за преземеното претседавање со НАЛАС во текот на оваа година, и ги поттикна учесниците на афирмирање на улогата на локалната самоуправа и на претстојниот Форум на градови и региони, што ќе се одржи во рамките на Самитот во Полска, како еден од најзначајните настани во текот на полското председавање со Берлинскиот Процес.

                На регионалната Конференција учествуваа министри од земјава, претставници на локалната власт и експерти од земјите од регионот.