Печати

Со средства од ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Грција, во Пелагонискиот плански регион  ќе се имплементира нов проект –Зголемување на можностите за развој на туризмот преку искористување на постоечките ресурси.

Имплементатор на проектот е Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион во партнерство со Факултетот за туризам од Охрид и Националниот парк Пелистер, како и Националниот парк Преспа и Факултетот за бизнис администрација од Солун, од грчка страна.

Вредноста на проектот е 740 илјади евра, обезбедени преку ИПА Инструментот на Европската Унија и 15 насто кофинансирање од Буџетот на државата.

Заменикот министер Дејан Павлески изрази задоволство од подготвеноста на Планскиот регион да обезбеди средства од Европската Унија со што ќе се овозможи да се промовираат туристичките потенцијали, да се креираат продукти за развој на туризмот и да се зголемат можностите за вработување во туризмот во регионот.

- Седумстотини и четириесет илјади евра му стојат на располагање на регионот за реализација на предвидените активности, во рамките на овој прект, од кои 412 илјади за партнерите од Северна Македонија. Шестотини дваесет и осум илјади евра ги обезбедува Европската Унија а кофинансирањето во вредност од 15 насто е од буџетот на Министерството за локална самоуправа. Промисленото искористување на средствата од Европската Унија преку ИПА Инструментот е можност да се реализираат добри проекти, кои што ќе имаат влијание на развојот на општините и на регионот во целос, но исто толку е важно и градењето на капацитетите на локалната администрација и на граѓанскиот сектор во управувањето со средствата според правилата на Унијата, рече заменикот министер Павлески.

Програмата за прекугранична соработка со Грција во вториот ИПА Програмски период е во вредност од 45,5  милиони евра за периодот до 2020 година, од кои 85 насто се средства од Европската Унија, а 15 насто кофинансирање од буџетот на државата.

Четириесет проекти од првиот повик, меѓу кои и актуелниот, веќе се во фаза на реализација. За нивното кофинансирање од буџетот на државата беа издвоени 2,4 милиони евра. Во имплементацијата на проектите од Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Грција се вклучени над 80 партнери, корисници на придобивките се граѓаните од 4 плански региони во Република Северна Македонија и 5 региони во Република Грција.