Печати

Во организација на Центарот за економски политички, анализи и консалтинг - ЦЕПАК а со поддршка од НАТО Дивизијата за јавна дипломатија од Брисел, заменикот министер Дејан Павлески зборуваше на трибината “Локалните младински совети ќе раководат”, на која учествуваа претставници – млади од младинските совети/организации од целата држава. За нормативните аспекти и функционирањето на локалните младински организации и нивната инфраструктура, зборуваше заменикот министер за локална самоуправа, Дејан Павлески.

Заменикот министер Павлески истакна дека законското решение треба да обезбеди оддржливост на локалните младински совети, кои што веќе се формирани во повеќе општини со поддршка на донаторската заедница.

-Важно е да се обезбедат услови кои што ќе овозможат локалните власти да ги апсорбираат идеите на мобилизираниот и креативен граѓански сектор, канализиран преку локалните младински совети и преку соработка да обезбедат конкретен бенефит за младите во локалната заедница. И обратно, младите, преку локалните младински совети да делуваат независно, без да подлегнат на обиди за нивна инструментализација и реално да ги застапуваат сопствените интереси, рече Павлески. Тој истакна дека енергијата и ентузијазмот на младите се значаен потенцијал кој што општеството треба да го акумулира преку создавање на услови за вклучување на младите луѓе во процесите на донесување на одлуките и менување на состојбите.

-Со законско решение ќе се обезбеди оддржливост и функционалност на локалните младински совети, со што ќе се создадат услови за институционализиран дијалог меѓу локалната власт и младите во локалната заедница, рече Павлески.