Печати

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу денеска оствари средба со бугарскиот амбасадор во Република Македонија, Ангел Ангелов на која се разговараше за приоритетите во соработката меѓу надлежните институции од двете земји.

Министерот за локална самоуправа Фазлиу истакна дека Договорот за пријателство, соработка и добрососедство меѓу владите на Република Македонија и Република Бугарија дава основ за продлабочување на билатералната соработка меѓу надлежните министерства.

-Министерствата и другите надлежни институции се тие кои што сега, преку заедничка работа треба да се ангажираме максимално во имплементацијата на Договорот. Треба да покажеме искрени намери и посветеност да го направиме тоа, рече министерот Фазлиу.

Министерот Фазлиу го информираше амбасадорот Ангелов дека веќе е подготвен и усогласен Меморандум за соработка меѓу Министерството за локална самоуправа и бугарското Министерство за регионален развој и урбанизам, а чинот на потпишување од страна на двајцата министри треба да се случи набрзо.

- Оваа соработка е многу важна за Министерството за локална самоуправа заради размена на добри пракси и зајакнување на нашите капацитети во областа на регионалниот развој и на територијалната соработка преку ИПА инструментот на Европската Унија, со оглед на бугарското искуство како земја членка на Унијата, рече министерот Фазлиу.

Амбасадорот на Република Бугарија, Ангелов истакна дека одличната соработка меѓу двете министерства во рамките на Програмата за прекугранична соработка, која што резултира со 99 насто искористеност на средствата од Европската Унија е пример кој што треба да се преслика и во други области.

-Покрај прекуграничната соработка, потребно е да ја поттикнуваме и директната соработка или збратимување меѓу општини од двете земји, за што на располагање ни стојат дополнителни средства од фондовите на Европската Унија за заеднички проекти на збратимени општини. Условот едната земја да биде членка на Унијата а другата кандидат, ни одговара во потполност, а оваа можност досега не е доволно искористена, рече амбасадорот Ангелов.

Амбасадорот Ангелов го информираше министерот Фазлиу дека Бугарија како земја членка на Унијата има обврска од својот буџет да издвојува средства за поддршка на други земји и од тие средства во Скопје е реализиран Дневен центар за згрижување на  деца со аутизам, а слични проекти во наредниот период можат да бидат реализирани и во други општини.