Печати

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу денеска во општините Охрид и Дебрца присуствуваше на промоцијата на проектите кои што се реализирани со средства од Програмата за рамномерен регионален развој на Министерството, наменети за развој на Југозападниот плански регион.

Со средствата од буџетот за 2018 година во општина Дебрца, н.м. Волино, е изведена целосна реконструкција и енергетска ефикасаност на јавен објект за потребите на месното население, а во Охрид е обезбедена енергетска ефикасност на детската градинака Развигорче и е ревитализирана пешачката патека во Стариот град.

-Владата останува доследна на своето ветување за континуирано зголемување на буџетските средства за корисни проекти во планските региони, во селата и во подрачјата со специфични развојни потреби. Во однос на 2017 година, средствата за 2019-та се зголемени за 100 насто. Ваквата тенденција ќе продолжи и во наредните години.  Покрај градење на демократски вредности, развојот е приоритет, во функција на задоволување на реалните потреби на граѓаните, рече министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.

Фазлиу истакна дека со средства од Програмата за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа оваа година се реализирани 12 проекти во Југозападниот плански регион во вкупна вредност од околу 38 милиони денари.

-Како што гледаме, станува збор за инфраструктурни проекти, многу корисни за граѓаните. Главно проектите се насочени кон подобрување на енергетската ефикасност и реконструкција на јавни објекти, како што се училишта и детски градинки, локална патна инфраструктура или техничка документација. За следната година во буџетот се планирани плус  50 насто средства, или, за проекти за рамномерен регионален развој во осумте плански региони нови 7 милиони евра, рече министерот Фазлиу.