Печати

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу имаше состанок со новиот шеф на Мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Клеменс Која.

На состанокот, министерот Фазлиу на амбасадорот Која му посака успешна работа во Република Македонија, како добар познавач на приликите во регионот, по неговата претходна мисија во Белград.

Министерот Фазлиу истакна дека ова е исклучително важен политички период за Република Македонија и изрази надеж дека Владата ќе има можност да го заокружи демократскиот процес за интегрирање на земјата во Европската Унија и во НАТО.

Амбасадорот Која  изрази подготвеност за продолжување на соработката на ОБСЕ со Владата и со Министерството за локална самоуправа.

- ОБСЕ има позитивно искуство во соработката со Министерството за локална самоуправа и би можело да помогне во спроведувањето на процесот на децентрализација, конкретно како поддршка на меѓуинституционалната координација, во имплементацијата на Стратегијата за реформа на јавната администрација на локално ниво, во примената на Законот за слободен пристап до информации во општините, како и во поттикнување на граѓанското учество во донесувањето на одлуки, рече амбасадорот Која.           

Министерот Фазлиу го информираше соговорникот дека Министерството за локална самоуправа во моментов имплементира два значајни проекти, едниот за подобрување на општинското управување, поддржан од страна на Европската Унија, а другиот, со поддршка од швајцарската Влада во областа на рамномерниот регионален развој.

-Владата со ребалансот на буџетот определи 50 милиони евра за решавање на наследените долгови на општините. Многу од нив имаат и блокирани сметки што им го отежнува функционирањето. Механизмите за реализација на средствата ќе бидат определени со посебен закон, во кој посебен акцент ќе биде ставен на транспарентноста и отчетноста,  рече министерот Фазлиу.

Министерот за локална самоуправа изрази убедување дека соработката со ОБСЕ ќе продолжи во областите кои што ќе бидат приоретизирани во консултација со одговорните луѓе во министерството, а приоритетите во областа на децентрализацијата ќе бидат споделени наскоро, на посебен состанок со претставниците на донаторската заедница, веднаш по усвојувањето на новиот Акциски план за имплементација на Програмата за одржлив локален развој и децентрализација.