Со промоција на новото спомен-обележје на Никола Карев во месноста Свиланово, кај кочанското село Рајчани, денеска беше одбележана 113-годишнината од смртта на големиот македонски револуционер, идеолог и претседател на Крушевската Република.

Во присуство на градоначалници од Источниот плански регион, делегации од Крушево и здруженија на граѓани, говореше заменик-министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески, кој поздравувајќи ја регионалната иницијатива изрази подготвеност за поддршка на вакви проекти коишто со вмрежување и популаризирање можат да му дадат посилен импулс на развојот на регионот.

– Заложба на Владата на Република Македонија е дека особено ќе биде посветена кон поттикнување на локалниот, но и на рамномерниот развој на државата. Сите граѓани во државата треба да имаат еднаков пристап до водоводна, канализациска и патна инфраструктура, пристојни училишта и детски градинки, беа рзлика дали живеат во град или во село – рече заменик-министерот Павлески.

Со проектот „Изградба на споемн-обележје на местото на загинувањето на Никола Карев, Свиланово“, на површина од околу 500 метри квадратни се изврши рамнење на теренот, поплочување и поставување на урбана опрема, осветлување со сончеви светилки. Се создаде спомен-простор и пристојно одмориште низ осоговско-планинскот амбиент.

Проектот е финансиран од националниот буџет преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2017 година од Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој со кофинансирање од општините Кочани и Чешиново-Облешево и вкупно чини 5.647.000 денари.