Печати

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, на средба со министерката за развој и европска кохезиона политика на Словенија, Аленка Смеркољ: Посветени сме на градење на соодветна структура која успешно ќе се справува со предизвиците на управувањето со европските фондови во областа на територијалната соработка.

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу во Љубљана оствари средба со министерката надлежна за развој и европска кохезиона политика на Словенија, Аленка Смеркољ.

На средбата се разговараше за искуствата на Словенија во искористувањето на средствата од европските кохезиони фондови и поддршката што и е потребна на Република Македонија за зајакнување на административните капацитети за управување со ИПА програмите за територијална соработка.

Министерот Фазлиу ја истакна поддршката што Словенија и ја дава на Република Македонија во евроинтеграциските процеси. Во тој контекст, тој ја нагласи и потребата од размена на искуства заради поуспешно спроведување на ИПА програмите за територијална соработка што ги координира Министерството за локална самоуправа.

- Република Македонија учествува во пет активни програми за билатерална прекугранична соработка и една програма за транснационална соработка, Балкан Медитеран. Иако се многу слични меѓу себе и се засноваат на истите европски регулативи, речиси секоја од овие програми следи свој начин на спроведување бидејќи претставува соработка меѓу две или повеќе различни земји. Оттука произлегува и големиот предизвик за сите нас со успех да им ги понудиме можностите кои ги нуди секоја програма поединечно на крајните корисници, рече министерот Фазлиу.

На средбата присуствуваше и министерот за локална администрација на Косово, Иван Тодосијевиќ. Двете министерства од Македонија и од Косово, надлежни за имплементација на ИПА програмите за прекугранична соработка, имплементираат заеднички проект за зајакнување на административните капацитети за управување со ИПА инструментот за територијална соработка.