На покана на градоначалникот на општина Неготино, Тони Делков, заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлески присуствуваше на манифестацијата Ден на вранецот на кој се дегустираше едно од најавтохтоните неготински и македонски вина „вранец". На манифестацијата присуствуваа голем број посетители од општината и гости од земјава и странство меѓу кои и заменик министерот за земјоделство Благе Цветковиќ, гости од збратимените градови Наѓката-Унгарија и Попово-Бугарија, сопственици на винарии, претставници на Факултетот за туризам од Гевгелија. На манифестацијата Ден на вранецот беа презентирани вина од индивидуални производители а во вториот дел, Мастер клас за виното „вранец" учествуваа винарии од општина Неготино и од регионот.

Ваквите манифестации, рече заменик министерот Павлески, се голема можност за искористување на локалните и регионалните капацитети и природни ресурси за забрзан локален економски развој и зголемена конкурентност на регионалните и светските пазари.