Заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески на Конференција за национални политики и локални акциски планови за правичен пристап до вода и санитација: Сите граѓани имаат право на еднаков пристап до јавните услуги, без разлика дали живеат во урбани или рурални општини и подрачја

Заменикот министер за локална самоуправа, Дејан Павлески, учествуваше на Конференцијата за национални политики и локални акциски планови за правичен пристап до вода и санитација.

Податокот дека во Република Македонија има само 18 насто покриеност со квалитетна канализациона мрежа е повеќе од алармантен. Ваквата реалност е резултат на долгогодишниот моноцентричен развој на државата и само Скопје и поголемите урбани центри ги имаат обезбедено комуналните јавни услуги на задоволително ниво, а дури и во градот Скопје има огромни разлики меѓу градското јадро и селата, рече заменикот министер Павлески.

- Согледувајќи го проблемот, Владата во буџетот за 2018 година обезбеди 100 милиони денари повеќе или над 60 % зголемени средства за рамномерен развој, во однос на минатата година, или, во 2018 година 6 милиони евра преку Министерството и Бирото за регионален развој ќе бидат насочени за развој на планските региони, од кои  70% за развој на планските региони, 20% за развој на подрачјата со специфични развојни потреби и 10%  за развој на селата. Сите граѓани имаат право на еднаков пристап до јавните услуги, без разлика каде живеат, затоа политика на Владата е поинтензивно финансирање на проекти во области за кои е констатирано дека се приоритетни, како што се водоснабдувањето, одведување на отпадните води и складирање на цврстиот отпад, рече заменикот министер Павлески.

Министерот без ресор Зоран Шапурич нагласи дека 90% од граѓаните во Република Македонија имаат пристап до вода за пиење, но со одредени ризици во некои подрачја, на што е потребно да се работи во координација со надлежните институции.

-Потребно е системот да се надградува, согласно обврските што произлегуваат од рамковната директива за води на Европската Унија која бара повисоки стандарди што е обврска и за централната и за локалните власти, рече министерот Шапурич.

На Конференцијата беа презентирани наоди од истражувањето направено во градот Скопје и во општините Куманово и Велес како и подготвените локални акциски планови.

Конференција за национални политики и локални акциски планови за правичен пристап до вода и санитација е организирана од невладината организација “Новинари за човекови права”, во рамките на проектот за развој на Обединетите нации "Зајакнување на капацитетот на владите и операторите на вода со цел да се обезбеди еднаквост на пристап до вода и канализација во земјите со економии во транзиција во Економската комисија за регионот на Европа". Финансиската поддршка е обезбедена од страна на француското Министерство за здравство, социјални прашања и правата на жените.