Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу на прес конференција ги презентираше резултатите од работењето на Министерството за локална самоуправа во изминатите сто дена.

Министерот Фазлиу информираше дека со подршка на Европската Унија од 2,3 милиони евра е започнат проект за консолидирање на системот на локалната самоуправа. Во рамките на овој проект воспоставуваме систем за следење на функционалноста на општините и мерење на квалитетот на живеење во секоја општина, рече Фазлиу, кој истакна дека на овој начин ќе се зголеми позитивната конкурентност што ќе доведе до подобро менаџирање на општините врз основа на принципите за добро управување.

-Акцентот е ставен на зајакнување на капацитетите на општините за транспарентно, отчетно, инклузивно и ефективно работење, согласно потребите и приоритетите на граѓаните. Тоа значи отворени општини, со услуги кои што ќе бидат креирани во консултација со граѓаните и испорачани на ефективен начин. За 30 општини и за 8 Мрежи за инклузивен развој се обезбедени 1 милион евра, средства од Европската Унија, за проекти за инклузивност, со што ќе се зајакнуваат капацитетите на општините за еднаков пристап до услугите за сите граѓани.

Заради зголемување на ефикасноста на локалната администрација работиме на зголемување на обемот и квалитетот на е-услугите, како и на создавање на услови за испорака на административните услуги од едно место, што е многу важно за граѓаните, но исто така и за бизнис заедницата, која пред се инсистира на брзи и транспрентни постапки. По локалните избори ќе започнеме со скенирање на состојбата и потребите на сите општини и ќе предложиме најсоодветни модели, во зависност од големината и потребите на општината и на граѓаните, рече министерот Фазлиу.

Другиот важен аспект кој го истакна министерот Фазлиу е финансиската оддржливост на општините. Тој рече дека се работи на подготовка на компаративна анализа за обезбедување на систем на финансирање кој што на општините треба да им гарантира поголема самостојност во планирањето на развојот и во обезбедувањето на услугите.

-Отпочнавме процес на консултација со надлежните министерства и со ЗЕЛС за подготовка на анализа на состојбите со предлог за редефинирање на начинот и утврдување на критериумите за  блок  дотациите за општините за финансирање на основните и средните училичта, детските градинки и локалните установи од областа на културата.  Средствата од централната власт ќе се распределуваат на правичен и транспарентен начин, без партиски и други влијанија. Крајни корисници на услугите се граѓаните, а оваа Влада работи на обезбедување на еднаков пристап до услугите за сите граѓани, без исклучок по ниту еден основ, најмалку партиски или етнички, рече Фазлиу.

Министерот за локална самоуправа истакна дека на многуте реакции и барања од граѓаните, е отпочнат процес на консултација за решавање на статусот на месните и урбаните заедници. Месната самоуправа е уставна и законска категорија, но нефункционална поради недоволно дефинираниот статус. Станува збор на огромен, но неискористен потенцијал, кој што е потребно да се стави во функција на граѓаните како канал за институционална комуникација со локалните власти, за решавање на заедничките проблеми, рече Фазлиу.

Втор голем приоритет на Министерството за локална самоуправа е создавање на услови за рамномерен регионален развој на целата територија на државата. За таа цел, рече министерот Фазлиу,  се воспоставува систем за следење на алокацијата на средствата од различни ресори кон планските региони, со цел да може да се интервенира врз основа на реални параметри. Врз основа на точно воспоставени критериуми.

-Министерството за локална самоуправа ќе финансира само проекти кои што ќе ги решаваат реалните проблеми на граѓаните и кои што се приоритети во планските региони. Приоритетите треба да бидат определени во консултација со граѓаните и со бизнис заедницата. Потребни се средства, но исто толку е важен и пристипат во распределбата на средствата. Ефектите да кореспондираат со потрошените пари, рече Фазлиу.

Министерот за локална самоуправа информираше и за објавениот  прв јавен повик за проекти за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Косово, во рамките на втората фаза од ИПА  Програмата на Европската Унија.  Вкупната вредност е 2 милиони и 40 илјади евра, за проекти за двете држави. Кофинансирањето во висина од 15% од искористените средства ги обезбедува Министерството за локална самоуправа. Се работи на подготовка на вториот јавен повик за проекти со Бугарија, кој што се планира до крајот на годината.

- Мој и приоритет на Министерството за локална самоуправа и во иднина ќе бидат: транспарентно и отчетно работење, во функција на развојот на општините и подобрување на квалитетот на живеење на сите граѓани. Приближување на власта до граѓаните, транспарентни и отчетни општини, подобрување на услугите, рамномерен развој на целата територија на државата. Зборот е збор, работиме на остварување на ветеното, рече министерот Фазлиу.