Печати

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и заменикот министер Дејан Павлески, на состанокот со директорот на Мировниот корпус, Марк Ханафин, разговараа за начините за проширување на соработката со Министерството, со цел, волонтерите од САД да бидат целосно  вклучени во животот на локалните заедници.

Директорот Ханафин изрази задоволство од подготвеноста на Министерството да ги анимира општините за поголемо вклучување, како и заинтересираноста на Министерството директно да поддржи некои од активностите на волонтерите од САД.

-Во моментов се присутни 74 волонтери во Република Македонија кои што се вклучени во работата на општини, невладини организации, училишта и преку своите активности му помагаат на локалното население да научи различни вештини, изучување на англискиот јазик, работа на проекти и слично, рече директорот Ханафин. Како добри примери на соработка беа посочени општините Струмица, Новаци, Маврово и Ростуша, каде волонтерите од Мировниот корпус работат на основање на клубови за млади, за пензионери и за жени, реализираат заеднички активности со локалните младински совети и организираат обуки за лидерство, заштита на животната средина, работа со лица со посебни потреби.

-Голем успех е да се воспостави тесна соработка со локалното население и е вистинска можност по локалните избори соработката да се интензивира со присуството  на новиот контингент на волонтери, кои што пристигнуваат во септември, рече министерот Фазлиу.

-Соработката меѓу граѓаните уште повеќе ги зајакнува односите меѓу двете земји, а улогата на Мировниот корпус е многу значајна затоа што волонтаризмот е значаен за развојот на демократската свест во општеството, рече заменикот министер Павлески.

Мировниот корпус е американска владина организација која што во Република Македонија е присутна од 1996 година со повеќе од 200 доброволци кои што престојувале во педесетина општини.