Печати
 
 
Новата Стратегија за регионален развој 2021-2031 година е во согласност со политиките на Европската Унија за зелен развој, со другите ЕУ политики кои што имаат влијание на рамномерниот развој, со глобалните цели на ООН, како и со националните стратешки документи, е оценето на денешната онлајн јавна расправа што ја организираше Министерството за локална самоуправа по Нацрт извештајот за стратегиската оценка на животната средина од имплементацијата на Стратегијата за регионален развој.

Извештајот е подготвен согласно Законот за животна средина и има за цел да ги идентификува и негативните и позитивните влијанија на животната средина од имплементацијата на Стратегијата за регионален развој. Намерата е преку конкретни мерки да бидат поттикнати позитивните влијанија, а да се спречат или намалат негативните влијанија на животната средина. Во таа смисла беше нагласено дека Стратегијата преку својата имплементација треба да придонесе за отстранување на дивите депонии, заштита на квалитетот на воздухот преку поддршка на проекти за производство на енергија од одржливи извори, за подобрување на енергетската ефикасност, за интегрирано управување со отпад, за заштита од пожари, намалување на бесправните градби, рационално трошење на водните ресурси, поддршка на незагадувачка економија, заштита на културното наследство, како и генерално, за подигнување на јавната свест за заштита на животната средина. Во дискусијата учесниците акцентот го ставија на изградбата на мали хидроцентрали и нивното влијание на животната средина, како и потребата документот поексплицитно да се осврне на ова прашање.

Целта е преку подготовка на Извештај за влијанието врз животната средина и организирање на јавна расправа во фаза на нацрт, навреме да се вклучи експертската и пошироката јавност, претставниците од Центрите за развој на планските региони како и граѓанскиот сектор, со цел да се интегрираат социо-економските аспекти за развој и навреме да се преземат мерки за заштита и превенција.