30.11.2022

 

„Заживување на занаетите и градење култура на заеднички туристички развој“ е прекуграничен проект на Северна Македонија и Косово со цел да се забрза развојот на туризмот во Полошкиот регион, рече при денешната потпишување на договорот од страна на министерот за локална самоуправа Ристо Пенов.

 

- Преку подобрување на квалитетот и на понудата на занаетчиството и микро бизнисите од секторот туризам и угостителство, ќе се зголеми привлечноста на регионот и бројот на посетители. Ќе создадеме нови туристички содржини и нови можности за подобра презентација на локалните и традиционални занаетчиски производи, преку инфраструктурни интервенции во општините Тетово и Призрен, додаде тој.

 

Во рамките на проектот улицата „Радован Цониќ" во Тетово, со должина од нешто повеќе од 444 метри и просечна широчина од 6 метри ќе биде реновирана и редизајнирана да одговара на потребите на локалните занаетчии, со цел да се подобри нивната промоција и пристапот до нивните производи.

 

- Во моментов улицата „Радован Цониќ“ е во лоша состојба и е прилагодена само за сообраќај, речиси да нема тротоари и никакво урбанистичко уредување. Со овој проект, предвидени е инвестиција вредна над 300 илјади евра, со кои ќе се замени постоечката подлога, со подлога која ќе потсетува на калдрма, ќе се направи еднонасочен режим на сообраќај и ќе се стави нова електрична и водоводна инсталација под улицата, ново осветлување, клупи и друга нова урбана опрема, утврди министерот Пенов.

 

Исто така се планира саем на занаетчии во Тетово на кој ќе изложуваат занаетчии од Тетовскиот регион, но и од Косово (околината на Призрен) како и прекуграничен настан за остварување на деловни контакти помеѓу занаетчии, занаетчиски асоцијации и комори, туристички и угостителски бизниси, тур-оператори и слични бизниси ќе биде 

организиран во рамките на проектот.

 

Покрај тоа предвидена е и тренинг програма за занаетчии и туристички и угостителски бизниси дополнета со индивидуални менторски средби за учесниците, а ќе се организира и заедничка работилница за тур-оператори и занаетчии со цел да се креира нова  туристичка понуда базирана на локалните и традиционални занаети, како на пример работилници за 

изработка на традиционални печива и слатки, за изработка на накит и традиционална облека, за везење и други традиционални вештини. Новата понуда ќе биде вклучена и во понудите на 

туристичките агенции од прекуграничниот регион. 

 

„Заживување на занаетите и градење култура за заеднички туристички развој“ е прекуграничен проект финансиран од Европската Унија кој го спроведува конзорциум составен од Општина Призрен - Република Косово, Општина Тетово - Република Северна Македонија, CEED Македонија и CEED Косово. Проектот е поддржан преку ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Косово и Северна Македонија.

 

Проектот применува заеднички пристап за двата региони поради нивната географска и културна близина, а со единствена цел да се зајакне имиџот и атрактивноста на двата региона на регионалните и на глобалните пазари.

 

                                                                                                                                       Министерство за локална самоуправа