Министерот за локална самоуправа Горан Милевски денеска во Сандански оствари средба со бугарскиот премиер Кирил Петков на заедничкиот состанок со градоначалниците од пограничниот регион од двете држави. На покана на бугарскиот колега, министерот за регионален развој и јавни работи Гроздан Караџов, министерот за локална самоуправа Горан Милевски и градоначалници на дваесет и седум општини во пограничниот регион, учествуваат на заеднички состанок на кој се разговара за новата ИПА Програма за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, финансирана од Европската Унија. Тема на состанокот е и доизградбата и отворањето на граничниот премин Клепало, со финансиска поддршка од ИПА инструментот на Европската Унија.

- Прекуграничната соработка меѓу двете земји има свој континуитет и е една од најуспешните во регионот со целосна, стопроцентна реализација на средствата од Европската Унија. Во вториот ИПА Програмски период реализиравме 73 заеднички во вкупна вредност од 20 милиони евра, рече министерот Милевски.  

Министерот Милевски истакна дека во програмата за соработка меѓу двете министерства се вклучени и градоначалниците, затоа што соработката меѓу општините од двете земји е пример за добрососедство и заедничко градење на европската иднина на регионот.

Во рамките на состанокот е предвидена и размена на добри пракси и искуства на ИПА проекти реализирани во двете земји, за поддршката на општините од Фондот за локални власти и локална управа (ФЛАГ), како и за дигитална трансформација на општините.