Скопје, 22 декември, 2021 – Локалниот развој е составен дел од напредокот на државата, директно влијае за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и токму затоа сите засегнати страни треба заедно да работат во насока на создавање посилни општини, заклучија учесниците на Годишната конференција за децентрализација и локално владеење, која ја организира УНДП.

 

„Министерството за локална самоуправа имаше исклучително успешна година, со нова Програма за одржлив локален развој и децентрализација, нова Стратегија за регионален развој, нов Закон за рамномерен регионален развој, финансиравме 152 проекти во планските региони и во општините во вредност од седум милиони евра, а за наредната година во Буџетот за оваа намена се планирани десет милиони евра со што продолжува трендот на континуирано зголемување на средствата за рамномерен регионален развој што се имплементираат преку Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој“, изјави Зоран Димитровски, заменик министер за локална самоуправа.

 

Новоизбраната претседателка на ЗЕЛС, Данела Арсовска во своето обраќање рече дека фокус на нивната работа ќе биде продолжување на преговорите со централната власт за пакетот промени кои се однесуваат на обезбедување поголема финансиска стабилност на локалната власт, преземање нови надлежности и промени во организациската поставеност на работењето на единиците на локалната самоуправа.

 

„Приоритет број еден на ЗЕЛС ќе биде обезбедување повеќе средства за општините. Повеќе од очигледно е дека локалната власт во нашата земја е сиромашна. Општините трошат само 4,9% од бруто домашниот производ. Во споредба со општините од земјите од регионот, да не зборуваме за општините од Европската Унија, ова се навистина минимални средства за локалната власт. Не смееме во иднина да имаме ниту блокирани ниту сиромашни општини, туку финансиски стабилна и силна локална власт, порача Арсовска.

 

УНДП речиси две децении е партнер од доверба на општините и центрите за регионален развој преку имплементација на проекти за поддршка на процесите на рамномерен развој и децентрализација.   

 

„Проектите кои ги спроведовме во изминатите години, во соработка со нашите партнери од локалната и од централната власт, со поддршка на донаторите, недвосмислено придонесоа за креирање посилни, потранспарентни и поодговорни општини и општински совети, поголема вклученост на граѓаните и граѓанските организации во процесот на носење одлуки, подготовка на документација за важни инфраструктурни проекти на локално ниво и поефикасни алатки за наплата на локалните даноци“, рече Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП. 

 

На конференцијата, која годинава е на тема „Нова енергија во децентрализацијата: со полна пареа кон одржлив развој“, пред градоначалниците од страна на Сузана Најкова, раководител на Секторот за развој на локалната самоуправа од Министерство за локална самоуправа, беа презентирани Програмата за одржлив локален развој и децентрализација 2021 – 2026 и новите инструменти за финансирање на општините од централниот буџет.

 

Контакт за медиуми: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.