На вчерашната седница Владата на Република Северна Македонија донесе Одлуки за финансирање на нови 74 проекти за развој на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби, во вкупна вредност од 123,8 милиони денари.

Проектите ќе се финансиираат со средства од Програмата за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа и на Бирото за рамномерен регионален развој.

До крајот на годината ќе се реализираат 35 проекти за развој на селата, во вкупна вредност од 41,3 милиони денари, во сите 8 плански региони. Во скопскиот плански регион ќе бидат финансирани 4 проекти, во југоисточниот 6, во источниот 5, во пелагонискиот 3, во полошкиот 3, во југозападниот 4, во вардарскиот 7 и во североисточниот плански регион 3 проекти.

За реализација на 39 проекти за развој на подрачјата со специфични развојни потреби се обезбедени 82,5 милиони денари.

Во буџетската програма за рамномерен регионален развој за 2019 година се издвоени дупло повеќе средства за проекти во однос на 2017 година, со тенденција зголемувањето на средства за оваа намена да продолжи и во наредната година.

Со средства од буџетската програма за рамномерен регионален развој веќе се реализираат 43 проекти за развој на осумте плански региони, во вкупна вредност од 290 милиони денари, или 4,7 милиони евра. Од нив 5 проекти се за подготовка на техничка документација, додека пак 38 се инфраструктурни проекти.