„Македонските и албанските граѓани очекуваат на крајот на оваа година нашите две држави да ги почнат преговорите за полноправно членство и за неколку години да станат земји членки на Европската унија. Спомен музејот на писателот Стерјо Спасе може да биде убав симбол за нашето заедничко интегрирање во Унијата, преку културна соработка и економски развоj, рече заменик министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски на одбележувањето на почетокот на реконструкција на старата училишна зграда и нејзина адаптација во музеј на познатиот албански и македонски писател, во селото Глобочани, Општина Пустец, Албанија.


Како дел од проектот „Smart Cul Tour од програмата на ИПА 2 претпристапните фондови на Европската унија за прекугранична соработка меѓу Република Албанија и РС Македонија, Европската унија го помогна целиот проект со повеќе од 700.000 евра. На свеченоста, покрај заменик министерот Димитровски присуствуваа градоначалникот на Пустец, Пали Колевски, заменичката министерка за култура на Република Албанија, Мери Кумбе, градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, како и други високи гости од регионот Корча.

- Писателот Стерјо Спасе живееше и се занимаваше со уметност и литература во многу тешки времиња за Албанија и за целиот регион. Неговото творештво остави силни траги во албанската литература, поради што е добитник на различни признанија, а по обновата на демократска Албанија, Стерјо Спасе почна да станува познат и во Македонија, каде што се преведуваат неговите дела. Спасе пишуваше на албански јазик, но за македонското народно творештво е исто така значаен како собирач на народни песни и умотворби на македонски јазик, од кои во РС Македонија е објавена една збирка, рече Димитровски.
 
Во рамките на проектот „Smart Cul Tour беа презентирани и активностите на реконструкција на античкиот театар во археолошкиот локалитет Хераклеа Линкестис крај Битола и на пристапната улица т.н. „Римски пат вклучително и пешачка патека до локалитетот, што треба да заврши до крајот на оваа година.
 
Градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колевски го потенцира значењето на писателот Стерјо Спасе како мост кој ги поврзува двата народи, двете култури, македонската и албанската.
 
Во своето поздравно обраќање, градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска,  истакна: „Животот е токму ова што сме сите ние овде заедно. Во сите наши заеднички напори,  заеднички активности, во секој момент, во секој наш збор се чувствува возбудата.

Благодарни сме на Европската Унија за оваа можност и поддршка да ја подигнеме пограничната соработка преку инвестирање во трајните вредности во културата.
 
Програмата ИПА II, како што е познато, ја поддржува прекуграничната соработка пред се за унапредување на добрососедските односи, интеграција кон Унијата и унапредување на социо-економскиот развој. Во рамките на програмата има и други проекти кои ги негуваат традициите и културите кои се важни за следните генерации. Досега се реализирани девет проекти, а пет се во тек.
 

 
Поттикнувањето на развојот на туризмот, негувањето на културното и природното наследство, подобрувањето на конкурентноста, економијата, трговијата и инвестициите, заштитата на животната средина, унапредувањето на приспособувањето на климатските промени и миграцијата, се важни за граѓаните на двете земји.

Од 2014 до 2020 година Европската Унија издвои близу 12 милиони евра за проектите во кои Министерството за локална самоуправа учествува со 15 отсто.

- Регионот на Преспа, особено последниве години има многу симболика за мирот и добрососедството на Балканот, но пограничната област помеѓу македонската и албанската држава останува еден од економски и инфраструктурно најслабо развиените региони на европскиот континент, поради руралниот и планински карактер. За среќа, за разлика од порано, денес ја имаме Европската Унија, која несебично вложува во економскиот развој на сите земји од Западен Балкан и преку претпристапните фондови дава огромен придонес за подобрување на стандардите и на овој дел од Европа, рече заменик министерот Димитровски.