Со активностите во општина Крушево се изврши реконструкција и доградба на полетувалиште за параглајдеристи, како еден од најголемите туристички потенцијали за авантуристички туризам во Пелагонискиот регион и во целата држава. Исто така се изврши набавка и монтажа на вештачка трева за полетувалиште на површина од 2042 метри квадратни во рамки на Програмата за рамномерен регионален развој.

 

- Во рамки на овој проект сакаме да се подобри искористувањето на туристичките потенцијали на Крушево, како и зголемување на влијанието на Пелагонија како туристичка дестинација. Крушевчани треба да се горди на овој проект кој чини 4 милиони денари, бидејќи ќе придонесе за зголемување на туристите од странство во иднина а со тоа градот ќе има и економскиот раст. Потребно е сите општини во иднина да предлагаат проекти кои ќе се од особено значење за локалните жители се со цел да се подобри животниот стандард, истакна министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.

Вкупната сума за развој на Крушевскиот регион е околу 4 милиони денари. 

- Крушево е наш туристички бисер, се надевам дека местото од каде што е полетувалиштето Мечкин Камен кое е познато нели во историјата по едни други настани од македонската историја исто така ќе има големо значење во овој нареден период што доаѓа и дека сето тоа ќе има придонес за развојот на економијата во Крушево, локалната економија нели и воопшто за развојот на туризмот и за оваа дестинација да се прочуе во светот како една од најзначајните дестинација за параглајдерство и развој на овој авантуристички спорт, вели заменик-министерот, Зоран Димитровски. 

- Веќе 3 години работиме на проекти и инвестираме во туризмот. Изработивме стратегија за туризам и ги детектиравме главните потреби во оваа област. Поставувањето на нова вештачка трева и уредувањето на параглајдинг полетувалиштето е проект кој го унапредува ова место каде што секоја година се одржуваат бројни меѓународни натпревари. Тука доаѓаат илјадници спортисти од целиот свет, а новата вештачка трева обезбедува побезбедно полетување и професионална организација на меѓународните натпревари. Горд сум што Крушево станува топ 3 светска дестинација за авантуристички туризам благодарение на проектите кои ги имплементираме со централната власт, изјави градоначалникот на Крушево, Томе Христоски.

Покрај останатите примати кои ги има Крушево, претставува град со огромен туристички потенцијал, светски препознатлив.

- Развојот на самото Крушево на цел пелагониски регион е веќе препознатлив во цел свет и доаѓаат туристи, како домашни така и странски. Така произлезе и овој проект, по барање на градоначалникот  на Општина Крушево а со средства од Министерството на локална самоуправа, преку Бирото за регионален развој, Центарот за развој на пелагонискиот плански регион го имплементираше овој проект со кој што набави и монтира вештачка трева на површина од повеќе од 2000 м2 за параглајдеристите, додаде директорот на Центарот за развој на Пелагониски плански регион, Гого Видимче.

Во 2021-ва година во Крушево ќе се одржи Светското првенство во змајарство, а од годинава официјално станале тест центар за еден од најголемите произведувачи на падобрани.

Параглајдеристката Христина Пејчиновска додаде: Крушево е една од најдобрите и најбезбедните дестинации за полетување. Со поставување на новата вештачка трева на полетувалиштето се овозможува истовремено полетување на повеќе параглајдеристи, со тоа исто така се зголемува и безбедноста на полетување што е особено важно за нас како параглајдеристи.