Заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески денеска ја отвори Конференцијата за предизвиците во рамномерниот регионален развој, која што во организација на Министерството за локална самоуправа, а со поддршка на швајцарската Влада, се одржа во Битола.

На Конференцијата зборуваа градоначалници од Пелагонискиот плански регион, како и домашни и странски експерти.

Заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески истакна дека вакви конференции се организираат во сите осум плански региони како можност за консултирање на релевантните субјекти и размена на искуства и добри пракси во функција на подготовка на новата Стратегија и измените на Законот за рамномерен регионален развој.

- Во овој период интензивно ќе се работи на создавање на постимулирачки амбиент за развој на општините и на планските региони, преку подобрување на нормативната рамка, зголемување на финансиската поддршка за развој на помалку развиените плански региони, но и поголемо следење на ефектите во однос на вложените пари. За да пристапиме кон ефикасна подготовка на новиот стратешки документ потербна е квалитетна оценка на имплементацијата на актуелната Стратегија во изминатите 10 години, како и релевантен и квалитетен интегрален извештај со сите мислења, забелешки и посочени добри практики на овие Конференции кои што се одржуваат во сите осум плански региони, рече Павлески.

Заменикот министер Павлески истакна дека рамномерниот регионален развој е приоритет на Владата која што секоја година ги зголемува буџетските средства за оваа намена, а паралелно работи и на воспоставување на систем за следење на финансиските алокации и остварените резултати во секој плански регион.

- Наша амбиција е националната развојна политика да биде дел од политиката за регионален развој на Европската Унија, преку поголема апсорбција на средствата од ИПА инструментот за реализација на приоритетите во планските региони. Сите овие аспекти треба да се земат предвид при подготовката на новиот стратешки документ, рече Павлески.

Конференцијата за предизвиците на рамномерниот регионален развој и споделување на искуства и добри пракси е организирана во рамките на Проектот поддржан од швајцарската Влада: Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој и е една од осумте кои што се одржуваат во осумте плански региони.