Со 15 милиони евра од Европската Унија се финансираат 40 проекти од првиот јавен повик. Договорите за кофинансирање ги потпиша министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу: Сите апликанти што обезбедија средства за финансирање на проектите, си помагаат на себе и на локалната заедница. Во исто време се реализираат приоритетни прашања, без да се трошат средства од општинските буџети.

Денеска во Владата на Република Македонија, Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и корисниците на средствата ги потпишаа договорите за кофинансирање на проектите од првиот јавен повик во рамки на Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Грција. Меѓу носителите на проектите се и јавни здравствени установи, Царинската управа, Центарот за управување со кризи, општини, Центарот за развој на југоисточниот плански регион, граѓански организации. Индиректни корисници се граѓаните од четири плански региони во Република Македонија и од пет региони од Грција.

До 2020 година за проекти за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Грција од страна на Европската Унија се обезбедени вкупно 45,5 милиони евра, од кои 50 насто за проекти кои што ќе бидат имплементирани во Република Македонија. Средствата за национално кофинансирање ги обезбедува Министерството за локална самоуправа од буџетот на државата.

-Во овој повик имаме на располагање 15 милиoни евра од Европската Унија и 2,4 милиони евра, обезбедени од буџетот на државата, преку Министерството за локална самоуправа, за национално кофинансирање. На овој начин државата им помага и ги охрабрува  потенцијалните апликанти: општини, граѓански организации, училишта, детски градинки, универзитети, болници, асоцијации и други непрофитни субјекти, да подготват проекти, да влезат во конкуренција и да обезбедат средства од Европската Унија. Сите апликанти што обезбедија средства за финансирање на проектите, си помагаат на себе и на локалната заедница. Во исто време се реализираат приоритетни прашања, без да се трошат средства од општинските буџети, рече министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.

Министерот за здравство Венко Филипче ја истакна поддршката што преку овие проекти Европската Унија ја дава на институциите и на граѓаните на Република Македонија. Конкретно, рече Филипче, станува збор за опремување со апарати и за подигнување на јавната свест за превенција од малигни заболувања, согласно европски стандарди. Ќе се обезбедат подобри услови за скрининг на дојка во општата болница во Битола, што значи навремено дијагностицирање и лекување, а исто така ќе бидат мапирани сите даватели на услуги од двете страни на границата.

Општина Гевгелија досега има реализирано 10 проекти од Програмата за прекугранична соработка со Грција, во вкупна вредност од 2 милиони евра, рече градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков.

Со реализација на проектите,  Царинската управа, со нова опрема ќе ја подобрува функционалноста и ефикасноста на граничните премини, ќе се обезбеди  енергетска ефикасност во училиштето во Валандово, во детската градинка во Радовиш, во општина Ново Село ќе се подобри здравствената грижа и социјалните услуги за возрасните лица, ќе се работи на креирање на нови работни места преку развивање на винскиот туризам, техничка поддршка и управување со хуманитарни кризи и природни катастрофи во прекуграничниот регион, заедничка грижа за животната средина.