Заменик министерот за локална самоуправа г. Дејан Павлески, денес учествуваше на меѓународниот семинар организиран од општина Центар заедно со Европската асоцијација за локална демократија – АЛДА Скопје, на тема „ Отворено владеење: принципи, методи и дигитални алатки“, финансиски поддржано од програмата на Европската Унија „Европа за граѓаните“.

Целта на семинарот е  да се претстават добри практики на користење на алатки со употребата на новите дигитални технологии со кои јавните институции може да бидат поотворени.

Свое обраќање на темата имаа и  градоначалникот на општина Центар г. Саша Богдановиќ и г. Павле Богоевски пратеник во Собранието на Република Македонија.

Во своето обраќање, заменик министерот Павлески истакна дека од особено значење за демократизацијата на општеството е неговата отвореност, особено отвореноста и вклученоста при управувањето како на централно, така и на локално ниво. Локалната самоуправа е препознаена од ЕУ како исклучително важен сегмент и ќе има исклучително важна улога во процесот на пристапување кон Европската Унија. Развојот на локалната демократија е најважната одредница за градење на демократско општество, во кое граѓаните ќе се чувствуваат повикани активно да делуваат и да придонесат за развојот на заедницата. Граѓанското учество и граѓанскиот сектор со својата вклученост, стручност и вештини можат само да поттикнат економски, социјален и демократски развој на општеството. Затоа Владата на Република Македонија гради Отворено партнерство со граѓанскиот сектор.

Министерството за локална самоуправа активно работи на остварување на овие цели. Преку проектите кои што ги спроведува со УНДП и Швајцарската амбасада во наредниот период особено ќе се работи на: Зајакнување на капацитетите на општините за испорака на услуги,  обезбедување на еднаков пристап до услугите за сите граѓани, вклученост и учество во креирање на политики, мерење на квалитетот на живот,  доделување на грантови до 30.000 евра за проекти за социјална инклузија, распределба на средства за рамномерен регионален развој на транспарентен и предвидлив начин, согласно потребите и барањата на граѓаните.