Објавен вториот јавен повик за проекти за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија: На сите потенцијални апликанти, во рамките на овој повик, на располагање им стојат 7 милиони евра, кофинансирањето во висина од 15 насто се обезбедува од буџетот на Министерството, рече министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.

Министерството за локална самоуправа го објави вториот јавен повик за проекти за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, соопшти на денешната прес конференција министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу.

На сите потенцијални апликанти, во рамките на овој повик, на располагање им стојат 7 милиони евра. Средствата се обезбедени преку ИПА инструментот на Европската Унија, Програма за прекугранична соработка. Владата преку Буџетот на Министерството за локална самоуправа ги обезбедува средствата за кофинансирање во висина од 15 насто за признаените трошоци на секој одобрен проект.

Општата цел на Програмата е зајакнување на прекуграничната соработка меѓу луѓето и институциите во регионот.

-Преку заеднички проекти учесниците во Програмата заедно пристапуваат кон решавањето на прашања од взаемен интерес и на тој начин влијаат на развојот на прекуграничниот регион. Во рамките на Програмата за прекугранична соработка со Бугарија, од македонска страна проектите се имплементираат во Североисточниот, Источниот и Југоисточниот плански регион, или во 27 општини во овие три плански региони, соопшти министерот Фазлиу.

На овој повик можат да аплицираат општини, невладини организации, организации за поддршка на бизнисот, образовни, научни и културни и други непрофитни организации и институции.

Проектите треба да се однесуваат на:

-заштита на животната средина,

-туризам и

-конкурентност или подобрување на конкурентноста на регионалните бизниси.

Kрајниот рок за поднесување на проектни предлози е 11 мај 2018 год.

Во втората фаза од ИПА Програмата, сега кога субјектите ги научија правилата на игра, рече Фазлиу, Министерството за локална самоуправа очекува уште повисок процент на искористеност на средствата во однос на првата фаза, или над 95 насто.

-За таа цел, ги повикувам сите заинтересирани субјекти да аплицираат и во еден транспарентен процес на селекција да бидат одбрани најдобрите проекти, оние кои што ќе обезбедат најголемо влијание на менувањето на работите и подобрувањето на условите за живеење во овој пограничен регион, рече министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.