Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, на покана на бугарскиот колега, министерот за регионален развој и јавни работи Николај Нанков, присуствуваше на церемонијата на пуштањето во употреба на реконструираниот пат III-1084 “III-108-Старчево-Крналово-Први Мај”, во Република Бугарија.

Реконструираниот пат на бугарска страна, е од значење за жителите од двете страни на границата, затоа што ја олеснува комуникацијата до граничниот премин меѓу Република Бугарија и Република Македонија, Златарево-Ново Село.

Двајцата министри заминаа за Бугарија по завршувањето на заедничката седница на Владата на Република Македонија и на Владата на Република Бугарија, што вчера се одржа во Струмица.

Во рамките на заедничката седница, министрите Сухејл Фазлиу и Николај Нанков, придружувани од државниот секретар во Министерството за локална самоуправа Кирил Парталов и заменичката на бугарскиот министер, Деница Николова, остварија билатерална средба од која произлезе иницијатива за потпишување на Меморандум за соработка меѓу двете министерства.

На средбата се разговараше за областите на соработка од интерес на двете страни, врз основа на надлежностите на двете министерства, како и за можните начини на остварување на соработката. За оваа иницијатива ќе бидат информирани владите на Република Македонија и на Република Бугарија, по што, до крајот на годината ќе се пристапи кон потпишување на Меморандум за соработка.