Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу на Регионалниот Форум за прекугранична соработка, што се одржува во Струга, оствари средба со директорот на одделот за регионален развој на земјите од Западен Балкан во повеќекорисничката програма и генерален директор за соседска политика на ЕУ, Колин Волф.

На средбата министерот Фазлиу ја истакна подготвеноста на Министерството за локална самоуправа за максимална посветеност на процесот на интегрирање во Европската Унија од аспект на спроведување на политиките на министерството. Министерот Фазлиу изјави дека Министерството за локална самоуправа посветено работи на унапредување на процесот на децентрализација од аспект на подобрување на функционалноста на општините, процес што е подржан и со проект од Унијата во вредност од 2,3 милиони. Исто така министерот Фазлиу изрази убедување дека прекуграничната соработка во вториот ИПА Програмски период ќе резултира и со поголем број на квалитетни проекти и со подготвеност за максимална апсорпција на расположливите средства од Европската Унија.

-Прекуграничната соработка е важен сегмент во регионалната политика на Европската Унија преку која земјите од регионот соработуваат за подобрување на условите на живеење за сите граѓани. Министерството за локална самоуправа работи и ќе соработува со своите соседи и со Унијата на остварувањето на таа цел, рече министерот Фазлиу.

Министерот Фазлиу на средбата побара техничка поддршка за Министерството во процесот на децентрализирање на компонентата за прекугранична соработка, на што директорот Волф искажа подготвеност за помош во зајакнувањето на капацитетите на Министерството во процесот на акредитирање.