Членовите на набљудувачката мисија на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа, кои што ќе го набљудуваат спроведувањето на локалните избори во Република Македонија што ќе се одржат во недела, денеска, на нивно барање, остварија средба со министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и со заменикот министер, Дејан Павлески.

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу изрази задоволство од покажаниот интерес на членовите на делегацијата за очекувањата и предизвиците на Министерството за локална самоуправа по локалните избори. Тој изјави дека очекува фер и коректни избори што ќе донесат нов квалитет во управувањето на општините.

Од страна на набљудувачката мисија на Конгресот на локални и регионални власти беше истакнато дека функционирањето на локалната самоуправа во Република Македонија ќе биде предмет на набљудување во текот на наредната или по две години. На состанокот интересот беше насочен кон соработката на централната и локалната власт по локалните избори и конкретно, соработката на Министерството со градоначалниците од опозицијата, финансискиот јаз меѓу надлежностите и средствата со кои што располагаат општините за нивно извршување, распределбата на средствата за рамномерен регионален развој, како и употребата на јазикот на заедниците застапени над 20 насто, на локално и на национално ниво.

Министерот Фазлиу истакна дека Република Македонија има демократска Влада која што ќе инсистира на демократски дијалог меѓу централната и локалната власт, без разлика на партиска и етничка припадност. Тој најави дека по локалните избори ќе бидат направени анализи и во рамките на проектот поддржан од страна на Европската Унија, со цел да се подобри системот на финансирање на општините и управувањето со јавните финансии. Министерот истакна дека главен проблем кој треба да се решава е корупцијата.

-Сега е погоден момент да бидеме сведоци на демократскиот дух во општеството и на желбата на новата Влада за решавање на проблемите преку дијалог. Ние сега правиме наши анализи со цел да се идентификуваат причините за нефункционирањето на дијалогот помеѓу локалната и централната власт и имаме поставено цел да се елиминира корупцијата и да имаме рамномерен регионален развој, рече министерот Сухејл Фазлиу.

Во однос на резултатите од претстојните локални избори, министерот Фазлиу уште еднаш истакна дека без оглед од тоа од која партија ќе дојдат следните градоначалници, Министерството за локална самоуправа на сите ќе им ја „испружи раката на соработка и на помош“.

Заменикот министер Павлески информираше дека Владата на Република Македонија веќе има донесено заклучок за преиспитување на зафаќањето од ДДВ за општините и градот Скопје од сегашните 4,5 на 6 проценти, како и за редефинирање на распределбата на блок дотациите од областа на образованието, социјалната заштита, културата и противпожарната заштита, со цел да се зајакнат финансиските капацитети на општините за извршување на овие надлежности. Павлески информираше дека 14 проценти од буџетот се насочени за фршење на функции од надлежност на локалната власт, од кои половината се трошат во Скопје, а од останатите средства, 60 насто се за плати на вработените и многу малку за фршење на пренесените надлежности. Заменикот министер Павлески најави дека во блокираните општини прво ќе се направи интерна ревизија за да се идентификуваат причините, по што, доколку е потребно ќе интервенира и Владата за да се стабилизира нивното финансиско работење. Во однос на регионалниот развој беше кажано дека се подготвува софтвер кој што ќе ја следи алокацијата на средства од ресорните министерства кон планските региони со цел да се обезбеди праведна распределба на средствата, согласно степенот на развиеност на планските региони.

-Министерството за локална самоуправа ќе соработува со сите градоначалници, без разлика на нивната партиска припадност, наместо досегашната пракса градначалниците од опозицијата да бидат ставени во втор план, што е недозволиво, рече заменикот министер Павлески, кој истакна дека Владата ќе ја подржува соработката во интерес на сите општини.