Заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески,  денес го посети Центарот за развој на североисточниот плански регион. Претходно заменикот министер Павлески имаше одделни средби со Градоначалникот на Општина Куманово, Зоран Дамјановски и со претседателот на Совет на Општина Куманово, Александар Арсиќ.

На состанокот во Центарот за развој на североисточниот плански регион присуствуваа членовите на Советот за развој на североисточниот плански регион односно  градоначалниците на Општина Куманово, Општина Крива Паланка, Општина Ранковце, Општина Кратово, и претставник од Општина Липково.

Заменикот министер Дејан Павлески на состанокот потенцираше дека ова е негова прва средба на плански регион токму заради фактот што овој регион има најмалку капитални инвестиции  во претходните дванаесет  години, најнизок степен на учество во вкупниот БДП и е убедливо со најнизок ниво на развој, што го потврдуваат и развојните индекси согласно одлуката за класиификација на планските регфиони во Република Македонија. Посочи дека со тоа е нанесена голема неправда на целиот регион, и затоа новата Влада на СДСМ ќе се посвети многу повеќе на рамномерен развој на регионите и намалување на разликите помеѓу урбаните, градски центри и руралните, селски средини.

Градоначалниците од општините во овој регион посочија огромен број на проблеми со кои се соочуваат во своето функционирање што се одразува на квалитетот на услуги кон граѓаните. Посочија дека во изминатиот период не се почитувал целосно Законот за рамномерен регионален развој и дека немало соодветни критериуми за тоа како се распределуваат средствата. Беше посочено дека има проблеми и со обезбедување на стабилно финансирање на општините со кое ќе можат да ги извршуваат сите свои надлежности.

Она за што ќе се залагаме и ќе го работиме во наредниот период е да се зајакне капацитетот на општините со цел да бидат одржливи, ефективни и ефикасни и на тој начин граѓаните на целата територија на Република Македонија да добијат подеднакво квалитетни услуги а со тоа и поквалитете живот- истакна заменикот министер Павлески.