Министерот за локална самоуправа Горан Милевски денеска на плоштадот во Ресен го промовираше проектот за унапредување на квалитетот на општинските комунални услуги и зајакнување на општинските функции и надлежности на општините од Пелагонискиот регион. Во општина Ресен набавено е современо возило за чистење на улици, метларка, со што ќе се придонесе кон зголемување на ефикасноста во функционирањето на комуналното претпријатие.

- Целта на проектот e зајакнување на техничките капацитети за собирање на комунален отпад во општините Прилеп, Ресен и Демир Хисар е подобрување на квалитетот на живот на населението од Пелагонискиот регион преку заштита на животната средина, зголемување на ефикасноста и ефективноста на функционирањето на јавните комунални претпријатија преку набавка на соодветна современа опрема – возила за справување со отпад, како и зголемена заштита на животната средина преку подобрување на системите за собирање и депонирање на комунален отпад. Вкупната вредност на проектот за општина Ресен изнесува околу 3 милиони денари, рече министерот Милевски.

- Денеска на овој прекрасен ден, денот кога го одбележуваме и го славиме преспанското јаболко, навистина на мое големо задоволство го примаме ова прекрасно возило, односно метларка. Навистина тоа е нешто што многу ќе придонесе за чист и зелен Ресен како што пишува и на самото возило, навистина е од голема потреба и за Јавното комунално претпријатие и најважно за граѓаните, додаде градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски.

Центарот за развој на Пелагониски плански регион согласно уредбите на Законот за локална самоуправа и Законот за управување со отпад, преку овој проект овозможува намалување на трошоците како и заштита на животната средина.

- По барање на општината со помош на Министерство за локална самоуправа преку Бирото за развој, метларка, набави комунално претпријатие. Ние и понатаму ќе продолжиме да остваруваме повеќе проекти кои ќе бидат од особено значење за граѓаните, не само за Ресен, туку и за цел регион, додава Гого Видимче, директор за Центар за развој на Пелагониски плански регион. 

Министерот Милевски присуствуваше на настанот Преспански Јаболкобер, каде се направи берба на првото јаболко на овошниот насад на Свислион Агроплод.

- Ресенчани треба да се горди на овој традиционален настан, особено што јаболкото е симбол на градот. Градот економски треба да се развива уште повеќе, да се вложува во процесот за извоз и квалитетот на јаболката за странските пазари. Им посакувам успешна берба, додаде Милевски.