Министерот за локална самоуправа Горан Милевски и градоначалниците на општините од Југозападниот плански регион денеска во Струга го потпишаа договорот за финансирање на оперативните функции на Центарот за развој на планскиот регион за тековната година.

Согласно Законот за рамномерен регионален развој, Министерството за локална самоуправа, на годишно ниво, го кофинансира работењето на сите осум Центри за развој на планските региони во висина од 1,2 милиони денари за активности и исто толку за имплементација на проектите за регионален развој.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски истакна дека со договорот се утвдуваат и активностите кои што Центарот за развој ќе ги реализира оваа година, а кои што произлегуваат од Програмата за развој на Југозападниот плански регион. Милевски ги информираше градоначалниците дека минатата недела Министерството за локална самоуправа ги започна активностите на експертско ниво за подготовка на измените на Законот за рамномерен регионален развој. Во процесот на анализа на состојбите се вклучени и претставници од Центрите за развој и од ЗЕЛС, а на овие состаноци се очекува своето искуство да го пренесат и локалните власти.

Во наредните денови договори за финансирање ќе бидат потпишани со сите Центри за развој на планските региони за да не се доведе во прашање нивното тековно работење.