Со средства од програмата за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа до крајот на годината ќе бидат реализирани 74 нови проекти за развој на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби во 54 општини. Вкупната вредност на проектите е 124 милиони денари, или 2 милиони евра.

Денеска во Владата на Република Северна Македонија беа потпишани договорите за финансирање на проектите со градоначалниците на општините чии проекти беа одобрени.

Одлуката за финансирање на проектите ја донесува Владата, по претходно спроведена постапка на оценување и усвојување од страна на националниот Совет за рамномерен регионален развој.

„Важно е да кажеме дека проектите за развој на села и подрачја со специфични потреби во голема мера се однесуваат на изградба на инфраструктура, за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните во пасивните краеви и рурални средини. Владата работи да ги развива и помалку развиените населени места и средини, бидејќи развојот само на неколку поголеми градови нема одржливост на подолг рок. Во текот на наредните неколку години, а веќе почнавме, ќе работиме да го подигнеме квалитетот на живеење во пасивните средини, се со цел да обезбедиме приближно исти услови за живот на сите граѓани на територијата на цела Република Северна Македонија“, потенцираше Анѓушев.

Годинава ќе бидат финансирани 35 проекти за развој на селата, во вкупна вредност од 41,3 милиони денари, во сите 8 плански региони. Во Скопскиот регион ќе бидат финансирани 4 проекти, во Југоисточниот 6, во Источниот 5, во Пелагонискиот 3, во Полошкиот 3, во Југозападниот 4, во Вардарскиот 7 и во Североисточниот плански регион 3 проекти. За развој на подрачјата со специфични развојни потреби ќе бидат финансирани 39 проекти во вредност од 82,5 милиони денари.

-Проектите се однесуваат на изградба и реконструкција на локални патишта, системи за греење во основни училишта, системи за одведување на отпадни води, подобрување на процесот за собирање на отпад, поставување на урбана опрема и слично. Станува збор за проекти, кои што решаваат значајни проблеми и имаат големо влијание на квалитетот на живеење на жителите во руралните населени места, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

Со средства од Програмата за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа за 2019 година, веќе се во фаза на реализација и 43 проекти за развој на осумте плански региони, во вкупна вредност од 290 милиони денари.