Денеска во Лесковaц, Република Србија се одржа првиот информативен настан за првиот јавен повик за проекти во рамките на Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Србија.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски и министерката за европска интеграција на Србија Јадранка Јоксимович го поздравија почетокот на имплементацијата на Програмата за прекугранична соработка меѓу двете земји како можност повеќе за поттикнување на развојот на регионот со финансиска поддршка на Европската Унија.

На настанот во присуство на шефот на Делегацијата на Европската Унија во Република Србија, Сем Фабризи, градоначалникот на Лесковец Горан Цветанович, како и потенцијалните апликанти, министерот Милевски истакна дека иднината на земјите од регионот е членство во Европската Унија преку соработка, развој и инфраструкитурно поврзување.

-Прекуграничната соработка преку ИПА инструментот е најдобрата можност нашите односи да ги издигнеме на едно повисоко ниво, да градиме заедничка иднина врз основа на вредностите на Европската Унија за соработка и заеднички придонес за развој на регионот. Ќе инсистирам на транспарентен процес во кој што секој учесник ќе биде третиран рамноправно со сите други, рече Милевски кој ги охрабри сите заинтересирани да аплицираат со квалитетни и оддржливи проекти кои што ќе имаат влијание на подобрување на квалитетот на живеење во регионот.

Јавниот повик за проекти во рамките на Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Србија е објавен на 25 јули и ќе биде отворен до 27 септември 2019 година. Проектите треба да се однесуваат на областите:

- Вработување, мобилност на работна сила, социјална и културна инклузиja, како и

- Поттикнување на туризмот и зачувување на културното и на природното богатство.

За првиот јавен повик за проекти за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Србија од ИПА Програмата на Европската Унија се обезбедени 1 260 000 евра, а националното кофинансирање во износ од 15 насто од признаените трошоци ги обезбедува Министерството за локална самоуправа, од Буџетот на државата.