Печати

Со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамките на ИПА Програмата за прекугранична соработка заеднички се реализирани 59 проекти кои што имаат за цел да го подобрат квалитетот на живеење во пограничниот регион меѓу Северна Македонија и Албанија.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски, заедно со претставниците на Делегациите на Европската Унија во Северна Македонија и во Албанија, Самуел Жбогар и Луиџи Сорека, како и преставничката за Европа и за надворешни работи на Албанија, денеска во Охрид ја отворија манифестацијата “Креирање на заедничка иднина”.

На Конференцијата и на саемот на проекти беа презентирани последните 9 проекти кои што се имплементираат во пограничниот регион, а се финансирани од ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски истакна дека станува збор за 2 проекти за поттикнување на развојот на туризмот, 2 за заштита на животната средина и 5 проекти за поддршка на мали и средни претпријатија, во вкупна вредност од 2 865 000 евра.

- Со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамките на ИПА Програмата за прекугранична соработка, од 2009 година до сега заеднички се реализирани 59 проекти кои што имаат за цел да го подобрат квалитетот на живеење во пограничниот регион меѓу Северна Македонија и Албанија. Преку имплементација на заеднички проекти, во духот на европските вредности, се учи проблемите да се решаваат заеднички. Се унапредуваат добрососедските односи, се подобруваат економските и социјалните услови на живеење, се создава поволен амбиент за оддржлив развој на регионот и поголеми перспективи за граѓаните од двете страни на границата, рече министерот за локална самоуправа Милевски.

Во рамките на манифестацијата организирана за промоција на резултатите од последните 9 одобрени проекти за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија, министерот Милевски заедно со градоначалникот на Охрид и претставниците на Европската Унија и на Албанија го отворија Центарот за спасување во Охрид, опремен и воспоставен во рамките на ИПА проектот ”Регионот Охридско езеро-безбедна дестинација за авантуристички туризам”, во вкупна вредност од 415 000 евра.