Печати

Заменикот министер Дејан Павлески денеска ја посети општина Берово каде што беше пуштена во употреба нова филтер станица за снабдување со чиста вода за пиење на туристичката населба Беровско Езеро.

Филтер станицата во вредност од 200 илјади евра е изградена со средства од ИПА Програмата на Европската Унија за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Благодарение на ваквите примери, рече Павлески, ИПА Програмата за прекугранична соработка со Бугарија е најуспешна од аспект на реализација на скоро 100 насто од средствата кои што ни беа ставени на располагање од страна на Европската Унија. Очекувам уште поуспешни и поквалитетни проекти во вториот ИПА програмски период, до 2020 година во кој на располагање имаме  вкупно 100 милиони евра за Програмите за прекугранична соработка на Република Македонија со сите соседни земји и за Програмата Балкан-Медитеран, или 19,5 милиони евра за проекти за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

- Тоа се драгоцени релации и искуства создадени и споделени меѓу граѓаните, меѓу општините, меѓу државите, кои што треба да се негуваат и да траат. Стратешка определба на граѓаните на Република Македонија е членството во Европската Унија и во НАТО.  Преку соработка само ги потврдуваме нашите определби за членство. Токму затоа сите политички субјекти во државата имаат одговорност да го отворат патот, да превземат одговорност и на граѓаните да им обезбедат европска иднина, рече Павлески.

На средбата со градоначалникот Звонко Пекевски се разговараше за проблемите со решавањето на долгот на општината и за приоритетните проекти.

Заменикот министер Павлески истакна дека Владата со ребалансот на буџетот обезбеди 50 милиони евра за решавање на проблемите на долговите на општините, а приоритет е и изградба на нови инфраструктурни проекти кои што се неопходни за подобрување на квалитетот на живеење во сите населени места. Исто така Павлески ја нагласи и се поголемата буџетска подршка од Програмата за рамномерен регионален развој, преку која годинава во Источниот плански регион е отпочната имплементација на 12 нови проекти во вредност од 35 милиони денари.