Во рамките на манифестацијата “Денови на кочанскиот ориз, 2018 година”, министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, учествуваше на отворањето на Туристичкиот Инфо Центар “Пониква”-Пониква на Осоговските Планини. Проектот е реализиран од страна на Центарот за развој на Источниот плански регион со финансиска поддршка од Владата на Швајцарија.

Министерот го истакна значењето на проектот за поттикнување на развојот на туризмот во Источниот плански регион и се заблагодори на поддршката на швајцарската Влада која што со неколку значајни проекти помага во развивањето и имплементацијата на политиката на рамномерен регионален развој во Република Македонија.

-Во оваа прилика сакам да се заблагодарам за поддршката на швајцарската Влада на Република Македонија која што е присутна во различни области. Посебна благодарност за поддршката во областа на рамномерниот регионален развој и директната поддршка на Министерството за локална самоуправа и на планските региони. Се надевам на успешна соработка и во рамките на новиот проект, кој што го имплементираме заедно, Министерството за локална самоуправа и Канцеларијата на вицепремиерот за економски прашања, во вкупна вредност од 5,4 милиони швајцарски франци, со финансиска поддршка од швајцарската Влада и значително национално кофинансирање од буџетот на државата. Развојот е приоритет на Владата, приоритет на сите граѓани во Република Македонија. Затоа треба сите заедно во координација и соработка на централната и локалните власти да продолжиме да ги реализираме приоритетите кои што се важни за граѓаните, рече министерот Фазлиу.

Министерот Фазлиу истакна дека во Источниот плански регион се реализираат 10 нови инфраструктурни проекти или техничка документација  за развој на планскиот регион, на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби, во вредност од 35,5 милиони денари, од буџетот на државата, преку Програмата за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа.